Претставници на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, д-р Александар Василески, д-р Ели Луческа и м-р Катерина Росикопулос, учествуваа како рамноправни членки на Генералното собрание на здружението на Европската културна рута „Св. Кирил и Методиј“ при Совет на Европа.
Состанокот се одржа на 20 април во Аквилеја, Италија, во рамките на фестивал посветен на културните патишта што минуваат низ овој значаен историски центар.
На работната сесија беа разгледани клучни прашања поврзани со иднината на рутата, меѓу кои усвојувањето на годишниот извештај за 2025 година, разгледувањето на нови барања за членство, како и координацијата на активностите и соработката меѓу националните координатори.
Културната рута „Св. Кирил и Методиј“ е една од 49-те културни рути сертифицирани од Совет на Европа и поврзува значајни локалитети, споменици и културни институции низ Централна, Источна и Јужна Европа.
Рутата се надоврзува на илјадагодишната традиција поврзана со словенската култура и духовност, инспирирана од делото на Свети Кирил и Свети Методиј и нивните ученици. Таа претставува прва културна рута фокусирана на словенското културно наследство призната од Советот на Европа, со потекло и седиште во Чешка Република.
Проектот се темели на поврзување на постојни локалитети и дестинации кои го одразуваат кирилометодиевото наследство, со цел негова промоција, заштита и понатамошен развој на европско ниво.















