ВО БИБЛИОТЕКАТА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ – ПРИЛЕП ОДБЕЛЕЖАН 5 МАЈ: Македонското писмо – писмото на кое твориме

Сподели на социјалните мрежи

Вчера беше одбележан 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, датум што ја потсетува јавноста на значењето на македонскиот литературен јазик како темел на националниот идентитет, култура и духовен континуитет.
Во таа насока, во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп се одржа работилница на тема „Македонското писмо – писмото на кое твориме“, со учество на ученици од шесто одделение од ООУ „Блаже Конески“ – Прилеп. Настанот имаше за цел да ја поттикне љубовта кон мајчиниот јазик, како и свеста за значењето на писменоста и книжевното творештво кај најмладите.
Работилницата ја отвори директорката на библиотеката Андриана Ристеска, која истакна дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку и чувар на идентитетот. Таа им порача на учениците да го негуваат и почитуваат литературниот јазик, бидејќи преку него се негува и почитта кон татковината.
Од библиотеката упатија благодарност до професорката Виолета Христоска, библиотекарот Верче Искова, како и до педагогот и директорката на училиштето за соработката и прифаќањето на поканата за реализација на настанот.
Одбележувањето на 5 Мај и ваквите активности уште еднаш потврдуваат дека грижата за македонскиот јазик започнува од најмладите, а неговото негување останува заедничка одговорност на целото општество.

Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи