Во Национална установа Центар за култура Битола, на 11 мај со почеток во 19 часот, во Долното фоаје ќе биде отворена самостојната изложба „Првиот чекор на промената“ на младата визуелна уметница Јована Тодороска.
Тодороска е родена во 2001 година во Охрид, а своето образование го градела меѓу Охрид, Битола и Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на отсекот Ликовна педагогија – Графика. Зад себе има повеќе самостојни и групни изложби во Загреб, Битола и Њујорк, како и учества на домашни и меѓународни ликовни проекти, за кои има добиено награди и признанија.
Изложбата „Првиот чекор на промената“ опфаќа 30 дела изработени во комбинирана техника – акварел, акрил, туш и конец, во формат 30×21 сантиметри.
Преку своите дела, уметницата го истражува моментот на лична трансформација – патот од внатрешна борба и затвореност кон ослободување и промена. Со употреба на боја, симболични форми, рачно везена мрежа и мотиви на движење од „кафез“ кон „лет“, изложбата ја носи пораката дека секоја промена започнува со една одлука – првиот чекор.
















