ПРИЛЕП ГО СЛУШАШЕ ЗВУКОТ НА БАРОКОТ: ПРВ КОНЦЕРТ НА КЛАВИЧЕМБАЛО ПРЕД ПРИЛЕПСКАТА ПУБЛИКА

Сподели на социјалните мрежи

Фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ вчера вечер беше исполнето со публика која дојде да ужива во еден навистина редок и несекојдневен музички настан – концертот „Музиката на европските дворови на XVII век“, прв концерт на чембало што некогаш се одржал во Прилеп.
Во топол и интимен амбиент, дополнително збогатен со внимателно осмислено осветлување, публиката имаше можност да се препушти на звуците на барокната музика и да доживее едно поинакво концертно патување – низ европските дворови, емоции и музички приказни стари со векови.
Особено внимание привлече српската чембалистка Јована Топалов, која не само што маестрално го отсвири репертоарот, туку на публиката ѝ приреди и вистинска музичка едукација. Пред почетокот на концертот таа го доближи чембалото до посетителите – зборувајќи за инструментот, неговиот специфичен звук, начинот на функционирање, историската улога и времето во кое бил најзастапен.


Публиката со големо внимание ги следеше и нејзините воведи пред секоја група композиции, преку кои ги објаснуваше авторите, содржината и приказните што ги носат делата од Хенри Персел, Доменико Скарлати, Јохан Јакоб Фробергер и Елизабет Жаке де ла Гер.
Чембалото – инструмент што речиси и не може да се види на македонската музичка сцена, а воопшто го нема во Прилеп – Јована Топалов го донесе лично со себе. Всушност, овој редок инструмент е дел од нејзината лична колекција чембала, што дополнително му даде уникатност на концертот.
Посебна магија на вечерта ѝ даде и сопранот Ана Митоска, која со својот топол и прецизен вокал ги оживеа барокните мелодии. Нејзината интерпретација беше емотивна, сугестивна и блиска до публиката, а изведбите на „Music for a While“ и „What Power Art Thou“ беа наградени со силен аплауз.
Двете уметници покажаа исклучителна сценска поврзаност и музичка хармонија, претворајќи го концертот во вистинска потврда дека уметноста лесно ги надминува границите. Настапот беше пример за успешна соработка меѓу уметници од две држави, обединети преку заедничкиот јазик – музиката.
Концертот беше во организација на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, а се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.


Сподели на социјалните мрежи