МЛАДИТЕ ЈА ПОКАЖАА ХУМАНОСТА НА ДЕЛО: ВО ПРИЛЕП СЕ ОДРЖА РЕГИОНАЛНИОТ НАТПРЕВАР ПО ПРВА ПОМОШ

Сподели на социјалните мрежи

Во центарот на Прилеп вчера се одржа Регионалниот натпревар по прва помош (Регион 1), во организација на Црвениот крст на РСМ и Општинската организација на Црвен крст – Прилеп. Настанот собра средношколски екипи од повеќе градови, кои преку практични симулации ги демонстрираа своите знаења, вештини и подготвеност за навремено реагирање во итни ситуации.
Овогодинешната тема на натпреварот беше „Прва помош во урбана средина“, а на повеќе пунктови низ градот натпреварувачите решаваа сценарија со повредени лица и симулирани несреќи, оценувани од стручни судии и поддржани од бројни волонтери.
Настанот уште еднаш ја потврди важноста на едукацијата на младите во областа на првата помош, но и значењето на хуманоста, солидарноста и чувството на одговорност кон заедницата. Особено внимание привлече посветеноста на учениците, кои покажаа висок степен на подготвеност, тимска работа и смиреност при изведувањето на задачите.
Регионалниот натпревар во Прилеп е дел од националните активности на Црвениот крст на РСМ за унапредување на знаењата и практичните вештини кај младите, со цел подигање на свеста за важноста од правилно и навремено укажување прва помош.
На настанот присуствуваше Генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ, д-р Саит Саити, кој ги поздрави присутните и ги додели наградите на најуспешните екипи. Присутни беа и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, како и претседателката на Советот на Општина Прилеп, Билјана Кржеска, кои ги посетија пунктовите и разговараа со учесниците, волонтерите и организаторите.
Најдобар пласман на регионалниот натпревар освои екипата на ООЦК Центар, второто место ѝ припадна на ООЦК Кичево, а третото на ООЦК Виница. Меѓу најуспешните беа и екипите на ООЦК Прилеп и ООЦК Гази Баба. Првите пет пласирани екипи обезбедија учество на државниот натпревар по прва помош.

Натпреварот помина во духот на пријателство, поддршка и заедништво, а Прилеп уште еднаш беше домаќин на настан кој, покрај натпреварувачкиот карактер, испрати и силна порака за важноста на знаењето, човечноста и подготвеноста да се помогне кога е најпотребно.


Сподели на социјалните мрежи