РУБИН ДИМКОСКИ: „МУЗИКАТА НЕ ЈА ИЗБРАВ – ТАА БЕШЕ ТАМУ УШТЕ ПРЕД ДА ЗНАМ ШТО Е“

Сподели на социјалните мрежи

Рубин Димкоски е македонски гитарист, композитор и продуцент од Прилеп, со долгогодишно присуство на домашната музичка сцена. Неговиот музички пат започнува во локалната средина, каде заедно со Методија Зероски – Теди го формира дуото „Теди и Рубин“, препознатливо за прилепската публика и сцена.
Во текот на кариерата, Димкоски станува дел од култниот бенд „Меморија“, а паралелно е активен и како член на бендот The Four. Вклучен е и во проекти поврзани со музички фестивали за деца, како и во соработки со помладата генерација музичари, меѓу кои и прилепскиот изведувач Филип Николоски.
Во разговор за „Клуб Деница“, Димкоски зборува за своите почетоци, за дуото „Теди и Рубин“, за искуството во „Меморија“, како и за состојбите и перспективите на прилепската музичка сцена.

Како започна Вашиот музички пат и што Ве насочи кон гитарата?

Гитарата ја имам дома од кога сум роден и тоа не е фигуративно туку буквално, а татко ми знаеше понекогаш да земе гитара и да засвири некоја мелодија, знаеше колку да си поигра со звукот, а јас како дете уште на година-две сум се обидувал да „свирам“ на дрвени потпирачи, па подоцна добив детска гитара и не се одвојував од неа, а веќе на шест-седум години научив први акорди и почнав секојдневно да вежбам со часови, па некаде во петто одделение, значи на десетина години, веќе свирев со бендови во Офицерскиот дом и се занимавав со музика и на училиште, што за мене беше природен тек, а не обврска.


Кои музички влијанија најмногу Ве обликуваа?

Растев со огромна колекција плочи дома, мислам дека имаше над илјада, и буквално од мали нозе слушав сè – од Битлси до Ерик Клептон, Сантана, Пинк Флојд, Џими Хендрикс, а од македонската сцена најсилно влијание имаа Влатко Стефановски и Венко Серафимов таа генерација музичари, кои и денес кога ќе ги слушнам ми будат истата емоција, бидејќи тие беа некој вид водилка како треба да звучи гитарата.

Како изгледаа Вашите први бенд искуства?

Првите бендови беа многу искрени и полни со енергија, одевме да вежбаме во Офицерскиот дом каде имаше инструменти и тоа беше нешто што не можеш да го споредиш со свирење дома, бидејќи таму ја чувствуваш енергијата на другите, учиш да се вклопиш и да дишеш со бендот, а истовремено те забележуваат луѓе од сцената и те туркаат напред, и токму таму се роди желбата сцената да стане дел од моето секојдневие. На почеток како млад, да не речам детски, бенд во лето ги пратевме сите познати пејачи на народни песни во летната тераса на офицерски. Па имам и почеток и како музичар на народни песни покрај рокот. Едноставно јас бев секаде каде што има музика.

Како настана „Теди и Рубин“ и зошто стана толку препознатлив проект?

Сосема спонтано настана, без некој голем план, само желба да свириме, првата заедничка свирка ни беше во еден прилепски кафич „Фараон“, и од првата свирка се почувствува дека има нешто посебно, веќе од втората имаше огромна посетеност и луѓето почнаа масовно да доаѓаат, свиревме по четири часа сетови со стотици песни и публиката остануваше до крај, што денес ретко се случува, и тоа стана феномен не само во Прилеп туку и низ Македонија, бидејќи носеше една енергија што луѓето ја препознаа, а ние со текот на времето изградивме репертоар од над илјада песни и настапувавме во најпознатите клубови во државата, каде често имавме редици публика што чека да влезе, и токму таа непосредност и контакт со луѓето ја направи приказната толку силна и долготрајна.Паметам многу култни кафичи низ Македонија во сите градови.


Како се промени музиката и публиката од тогаш до денес?

Тогаш се слушаше песната до крај и луѓето уживаа во секој дел, додека денес сè е побрзо и публиката сака веднаш да стигне до рефренот, но тоа е нормално затоа што времињата се менуваат, иако суштината останува иста – ако има енергија и искреност, публиката тоа го чувствува.

По „Теди и Рубин“, како се развиваше Вашиот пат и каде се вклопува The Four?

По долг период со „Теди и Рубин“ дојде една нова фаза, особено по короната кога се почувствува празнина и потреба повторно да се создаде жива бендовска енергија, и тогаш се појави The Four како состав што донесе нов импулс, со повеќе вокали, поголема сценска динамика и поразновиден репертоар, каде не сме ограничени само на еден стил туку слободно се движиме низ повеќе жанрови, и за мене тоа беше враќање на она чувство на свирење во полн состав, со интеракција, импровизација и комуникација со публиката, што по сите тие години искуство повторно ти дава свежина и мотивација.

Како дојде до Вашето приклучување во Меморија?

Тоа дојде многу интересно и неочекувано, на една свирка додека свирев, Перо дојде до мене, ме слушаше и ми рече дека еден ден ќе свирам во „Меморија“, јас тоа го сфатив повеќе како комплимент отколку како нешто реално, но по неколку месеци навистина ми се јави и ме повика, и кога отидов на проба се случи нешто многу природно, како да сум дел од бендот одамна, без притисок, само чиста музика и меѓусебно разбирање.


Какво е чувството да се настапува со „Меморија“?

Тоа е посебно чувство, бидејќи ги свириш песните што си ги слушал како дете, а сега си на сцена со луѓето што ги создале, и публиката ти дава огромна енергија, секој концерт е доживување и без разлика на искуството, секогаш има возбуда и адреналин, особено кога ќе излезеш на голема сцена и ќе ја почувствуваш таа маса луѓе што ги знаат песните од почеток до крај.

Од сцената до студиото – што значи за Вас да бидете продуцент, човек што од една идеја гради финален музички производ?

Студиото е сосема друг свет во кој песната се создава од нула, таму не е доволно само да знаеш да свириш туку треба да знаеш да слушаш, да насочуваш, да извлечеш максимум од изведувачот, да ја обликуваш идејата во финален производ, често од една едноставна мелодија или текст да направиш цела приказна, што е креативен, но и одговорен процес, бидејќи ти си дел од звукот што ќе остане.

Работите и со деца на музички проекти – како е тоа искуство?

Со деца е најискрено, тие реагираат веднаш и без филтер, нивната енергија е чиста и тоа те враќа на почетоците, но бара и поинаков пристап затоа што треба да влезеш во нивниот свет и начин на размислување, а токму таму се раѓаат многу убави и искрени песни. Години работам на детскиот музички фестивал Весели Ѕвончиња, прекрасно е. Во исто време сум посветен и на работа со млади, држам часови по гитара и низ годините кај мене поминале околу 300–350 ученици од Прилеп, што за мене е огромно богатство и потврда дека музиката се пренесува понатаму.

Како ја гледате прилепската музичка сцена денес?

Има нова енергија и тоа е најважно, има млади бендови и луѓе што сакаат да работат, сцената се менува, но не исчезнува, секоја генерација си носи нешто свое и тоа е нормален процес.

На што работите моментално и што може да очекува публиката?

Работам на повеќе проекти истовремено, во студио сум активен со различни изведувачи и бендови, меѓу кои Филип Николоски, Тајфата, Ана и девојките, Side Quest и други, се подготвуваат нови песни за фестивали, има соработки со млади артисти, како и материјал со Меморија, а паралелно со настапите со The Four се развива и нов репертоар, така што следниот период ќе биде динамичен и исполнет со нова музика и настапи.

Ако се навратите на почетоците – што е исто, а што е различно денес?

Енергијата е иста и љубовта е иста, само времето е различно, порано се свиреше подолго и подлабоко се слушаше музиката, денес сè е побрзо, но ако ја имаш таа искрена врска со музиката, таа те води без разлика на сè и те враќа таму каде што си почнал.


Сподели на социјалните мрежи