Во просториите на Економски факултет – Прилеп беше потпишан меморандум за соработка со Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, со што се отвораат нови можности за практична едукација, професионално усовршување и заеднички активности од интерес за двете институции.
Меморандумот го потпишаа деканот на факултетот, проф. д-р Татјана Спасеска и претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, во присуство на Елена Димоска, член на Комисијата за меѓународни контакти и зачленување во ИСОС и алумнист на факултетот.
Со меморандумот се предвидуваат различни форми на меѓусебна соработка, поддршка и реализација на заеднички активности, со посебен акцент на практичната работа и професионалното усовршување на студентите. Во рамки на соработката ќе се организираат и симпозиуми, семинари, обуки, конференции и други стручни настани.
Од Економскиот факултет – Прилеп посочуваат дека оваа соработка претставува значаен придонес кон понатамошното унапредување и афирмирање на сметководствената професија, како и потврда за квалитетот и стручноста на кадарот што се образува на факултетот.
Фотографии од албумот на Економски факултет Прилеп

















