ПРЕМИЕРА НА „ДЕВОЈКИТЕ НА МАРКО“ ВО ПРИЛЕП – ОГРОМЕН ИНТЕРЕС, РАСПРОДАДЕНИ ПРВИТЕ ИЗВЕДБИ

Сподели на социјалните мрежи

Во НУЦК „Марко Цепенков“, Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп денес одржа прес-конференција за новата претстава „Девојките на Марко“, која премиерно ќе биде изведена на 27 мај во 20 часот на големата сцена во НУЦК „Марко Цепенков“.
Огромниот интерес за претставата продолжува и поради тоа и втората закажана изведба, на 30 мај, е целосно распродадена.
Станува збор за современа комедија во режија и драматизација на Синиша Ефтимов, инспирирана од култниот француски текст „Боинг Боинг“ на Марк Камолети – едно од најиграните драмски дела во светот, кое со децении успешно „живее“ на сцените ширум Европа и пошироко.
Во прилепската верзија, приказната е сместена во современ и урбан контекст, што ѝ дава свежина и современ театарски израз.


Режисерот Синиша Ефтимов заедно со актерскиот ансамбл истакнаа задоволство од процесот на работа, нагласувајќи дека соработката во текот на подготовките на претставата била исклучително продуктивна и инспиративна.
Во претставата играат Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска-Илијеска, Илија Волчески, Лора Штарго, Наташа Ачански и Јасмина Мицовска-Станкоска. Сценографијата и костимографијата се дело на Илина Ангеловска.
Од театарот нагласуваат дека особено ги радува фактот што повторно се поставува комедија на прилепската сцена – жанр кој поретко се игра, иако е еден од најтешките за изведба. Актерите истакнаа дека комедијата бара голем ангажман, прецизност и динамика, и дека е многу полесно да се растажи публика отколку да се насмее.
Тие ја оценија соработката со режисерот Синиша Ефтимов како исклучително успешна и продуктивна, нагласувајќи дека целиот процес бил добро воден и дека претставата им донела нови искуства и знаења. Воедно посочија дека прилепскиот театар има силна традиција на комедии од претходните генерации актери, што денес претставува и обврска за создавање нови квалитетни и современи комедиски претстави за публиката.
„Девојките на Марко“ се најавува како динамична, духовита и современа театарска приказна која носи многу хумор и свеж сценски пристап.
Премиерата е закажана за 27 мај во 20 часот на големата сцена во НУЦК „Марко Цепенков“.


Сподели на социјалните мрежи