ПОЕТЕСАТА ВЕСНА СТОЈКОВСКА СО ПРВА КНИГА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК – ЉУБОВ КОН ТАТКОВИНАТА ПРЕТОЧЕНА ВО СТИХОВИ

Сподели на социјалните мрежи

Поетесата Весна Стојковска, по потекло од Прилеп, а која живее и твори во Белград, Србија, ја објави својата прва книга – збирка поезија на македонски јазик „Дојди во Македонија“.
Станува збор за поетско дело исполнето со силни емоции, љубов кон родниот крај, македонската традиција, фолклор и духовност. Во предговорот за книгата, подготвен од Милалин Угреновиќ, се истакнува дека Стојковска низ своите песни ја опева Македонија – нејзините села, градови, планини, реки, цркви и манастири, но и богатото народно творештво, македонските обичаи, песната, ората и македонскиот дух.
„Дојди во Македонија“ е книга низ која авторката испраќа силна порака за љубовта кон татковината и корените, иако повеќе од три децении живее надвор од неа. Во предговорот се наведува дека нејзината поезија е лесно читлива, топла и приемчива, а секоја песна носи дел од носталгијата и спомените за родниот крај.
Весна Стојковска зад себе има бројни литературни успеси и награди. Таа има објавено две книги на српски јазик „Застој“ и „Пресабирање“. За песната „Дојди во Македонија“ освои „Златно перо“, за песната „Бигорски манастир“ во 2023 во Битола освои 3 место. Во 2023 и 2024 нејзини песни за деца се најдоа во зборник преведен на босански јазик. Во 2024 година на „Охридските поетски бисери“ со песната „Бурно езеро“ го освоила второто место, а истата година во Белград добила и трето место за хаику поезија на конкурс организиран од Српското уметничко друштво. Во 2025 година во Скопје ја добила наградата „Ѓорѓија Пулевски“ за врвни достигнувања во литературата.
Покрај поезија за возрасни, Стојковска пишува и поезија за деца, раскази и хаику поезија. Нејзини дела се застапени во повеќе антологии, зборници и алманаси, а дел од песните се преведени и на други јазици. Се занимава и со превод од македонски на српски јазик и обратно.
Со својата прва книга на македонски јазик, Весна Стојковска уште еднаш ја потврдува силната врска со родната Македонија и со Прилеп, претворајќи ги спомените, љубовта и носталгијата во поетски стихови.
Еве една песна од оваа книга:


ШЕТАМ ПО МАКЕДОНИЈА


Шетам сегде загледувам.
Ми се смеат сончогледите
од рамна Пелагонија.
Жолти се листовите од тутунот
што се сушат на рамките.
Застанувам пред
спомениците на хероите
им се поклонувам.
Денес е празник
на мојата земја.
Седам под сенка
на клупата од врбите.
Шетам:
Не можам мајко Македонијо без тебе.
Убава си земјо моја.
Секој град, рид, камен и споменик
во историјата испишан.
Земјо Моја.
Кралица си на Балканот
со црвени булки.
Ти си библиска и наша земја.
Во секоја песна те опејувам.
Со созли знамето натопено
го милувам и бакнувам.
Наша си Македонијо
земјо библиска.


Сподели на социјалните мрежи