„PRIMA FACIE“ НА 3 ЈУНИ ГОСТУВА ВО БИТОЛА – МОЌНА МОНОДРАМА ШТО ГО ПРЕИСПИТУВА ПРАВОСУДНИОТ СИСТЕМ И ПОЗИЦИЈАТА НА ЖЕНАТА

Сподели на социјалните мрежи

На 3 јуни (среда), со почеток во 19:00 часот, на сцената на НУ Центар за култура – Битола (Нова сцена), ќе биде изведена монодрамата „Prima Facie“ на австралиската авторка Сузи Милер.
Станува збор за правен трилер кој ја следи приказната на Теса Енслер – успешна и амбициозна адвокатка одбранителка, која целосно верува во правниот систем и неговите правила. Но, еден ненадеен настан го менува нејзиниот живот и ја принудува да се соочи со системот во кој дотогаш бескомпромисно верувала.
Претставата отвора силни и актуелни прашања поврзани со третманот на сексуалното насилство во правниот систем, прашањето на согласноста, родовата еднаквост, моќта и правдата. Таа ја поттикнува публиката на размислување, но и на емпатија и општествена дебата.
По завршувањето на изведбата е предвидена кратка јавна дискусија со психолог од Асоцијацијата „ХЕРА“ и адвокат од Македонското здружение на млади правници, со што дополнително се отвора простор за дијалог и анализа на темите што ги обработува претставата.
„Prima Facie“ е дело што не остава рамнодушен – монодрама која преку силна актерска игра и правно-емотивен наратив го поставува прашањето за границите на правдата и човечката одговорност.


Сподели на социјалните мрежи