Современата прилепска ликовна сцена не може да се замисли без името на Тони Чатлески. Неговото творештво, професорска работа и долгогодишна активност во културниот живот оставиле препознатлива трага, како меѓу љубителите на уметноста, така и меѓу генерации ученици кои преку него ја откриле ликовната уметност. Во разговорот за нашиот портал, Чатлески зборува за своите почетоци, за современата ликовна сцена, за уметничките колонии, институциите и за сопствената желба постојано да истражува и да се движи кон современиот уметнички израз.
Кога започна Вашиот интерес за ликовната уметност и што Ве насочи кон овој професионален пат?
– Тоа почна од раното детство, имав неодолива желба да цртам и сликам, Уште некаде од четврто одделение знаев каде ќе бидам насочен. Имавме тема на часот по ликовно „Што сакам да бидам“, а мојот одговор беше – сликар. Тоа чувство остана со мене и понатаму. Подоцна продолжив во средното уметничко образование, а потоа и професионално се насочив кон ликовната уметност.
Колку професорската работа влијае врз Вашиот личен уметнички израз?
– Професорската работа е пренесување на знаење и искуство, особено на основните параметри што младите треба да ги добијат во ликовната уметност. Но, моето лично творештво е сосема друг процес – тоа е истражување, анализа, експериментирање и постојано напредување. Има допирни точки, но не се целосно споени.


Дали младите денес имаат вистински интерес за ликовната уметност?
– За жал, мислам дека модерното време и технологијата ги насочуваат младите повеќе кон материјалното отколку кон духовното. Тоа е нешто што ме загрижува. Ако се изгуби духовната компонента, ќе се изгуби и суштината на уметноста. Денес многумина ја гледаат ликовната уметност само како професија што ќе им донесе вработување, а не како простор за истражување и длабоко навлегување во уметничкиот израз.
Како би ја опишале современата ликовна сцена во Прилеп?
– Искрено, мислам дека современа ликовна сцена во Прилеп речиси и да нема. Недостига континуитет, недостига простор за современо уметничко делување и поголема енергија околу самата уметност.
Какво значење имаат уметничките колонии и заедничките изложби за еден автор?
– Огромно значење. Таму уметникот е ослободен од сите притисоци, а има доволно материјал да твори. На колониите се среќаваат различни автори, различни стилови и размени на искуства. Во текот на повеќе од 20 години учество на над 100 колонии, многу научив и уметнички растев. Некои идеи и пристапи сум ги прифаќал, а потоа сум ги обработувал на свој начин. Посебно место има ликовната колонија „Дрен“, која ја формирав и ја водев десет години. Почна скромно, но остави значајна трага во културниот живот.

Кои теми најчесто Ве инспирираат?
– Најчесто се препуштам на потсвеста, на фантазијата и соништата. Додека човек сонува и фантазира, тој останува млад. Голем дел од моите дела се директно поврзани со таа внатрешна фантазија и сонот. Иако имам 59 години, чувствувам дека духот сè уште ми е млад и ми дозволува да истражувам и да напредувам.
Мојата желба е целосно да влезам во современиот ликовен израз на 21 век, моите дела да носат белег на современото време и да бидат препознатливи по својот карактер.
Зад себе имате голем број изложби и настапи…
– Имам реализирано многу самостојни и групни изложби, во речиси сите позначајни институции во Македонија, но и надвор од државата – во Москва, Бугарија, Србија, Црна Гора и на други места. Во последниот период повеќе сум насочен кон работа и соработка со галерии, па поретко организирам самостојни изложби, бидејќи делата брзо наоѓаат свој пат до публиката.
Во еден период бевте директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Какво искуство беше тоа?
– Тоа беше многу важно животно и професионално искуство за мене. Професорската работа, личното творештво и директорската функција се трите компоненти што ме изградија како човек и како уметник. Бев директор повеќе од десет години и мислам дека во тој период беа реализирани многу значајни проекти, дека многу добро функционираше Центарот за култура, а секако се формираше ликовната галерија „Дрен“.
Не треба да се заборави дека во периодот од 2007 до 2017 година прилепскиот театар беше меѓу најдобрите во Македонија, со силен ансамбл и бројни награди од домашни и меѓународни фестивали.
На што работите во моментов и што може публиката да очекува?
– Го продолжувам сеуште оној циклус кој што е баран и актуелен. Не ми е сеуште доистражен, тоа е циклусот кој го почнав како работна тема „Древниот сон“ со големата изложба во националната галерија „Мала станица“ со 91 изложено дело . Го развивам и напредувам понатаму со под теми. Би го класифицирал моето сликарство во четири сегменти: неокубизам, надреализам, експресионизам и арт-брут.
Подолго време немам изложувано во Прилеп, повеќе од десет години. Би сакал повторно да се претставам пред прилепската публика со една голема ретроспективна изложба, на која ќе биде прикажан целиот мој творечки опус, со акцент на она што го работам денес. Се надевам дека ќе дојдат подобри времиња за тоа да се реализира.

















