ИЛИЈА ВОЛЧЕСКИ – УМЕТНИК НА ДВЕ СЦЕНИ: ТЕАТАРОТ КАКО ЖИВОТ, МУЗИКАТА КАКО ЧУВСТВО

Сподели на социјалните мрежи

Публиката во Прилеп го препознава Илија Волчески пред сè како актер на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, каде со години создава впечатливи и препознатливи улоги. Но, покрај актерството, Волчески ја живее и својата музичка приказна – преку саксофонот и настапите со Андријана Чело, спојувајќи ја театарската емоција со музичкиот израз на еден автентичен начин.
За Клуб Деница, Илија Волчески зборува за почетоците во театарот, животот меѓу две сцени, инспирацијата, предизвиците на уметничкиот повик и потребата човек постојано да ја негува креативноста.

Публиката најмногу Ве познава како актер. Како започна Вашата приказна со театарот?
Мојата приказна со театарот започна во 2000 година. Имаше кастинг за претставата „Оливер Твист“, во режија на Петар Димоски. Татко ми ме однесе на тој кастинг и бев избран за едно од децата од сиропиталиштето. Така мојата приказна со театарот почна уште пред да тргнам на училиште.

Што беше пресудно да одлучите дека актерството ќе биде Ваш животен пат?
По „Оливер Твист“ следеа уште неколку претстави, меѓу кои и претставата за возрасни „Уште една за по пат“, во режија на Кирил Петрески. Потоа добив улога на кастингот за претставата „Снежана“. По неколку одиграни претстави и поминати сезони во театарот, чувствував дека нешто ми кажува дека токму ова треба да го работам.

Низ годините одигравте различни улоги. Дали постои лик што особено Ви останал близок?
Искрено, не. Не сум од оние актери кои имаат омилен лик или кои размислуваат кој лик би сакале да го одиграат во иднина. Едноставно, секоја улога и секој лик, без разлика со кој режисер работам, го сфаќам како предизвик и се трудам да го извлечам максимумот од себе во тој момент.

Што е најголем предизвик за еден актер денес?
Времињата за театар секогаш се тешки и секое време си носи свое бреме. Некој ќе рече дека порано било потешко, некој дека е сега, но најголем предизвик за секој актер е да се труди да излегува од својата комфорна зона. Се случува, по неколку одиграни улоги, без разлика дали се главни или споредни, да влеземе во некаква безбедна форма и да престанеме да се истражуваме себеси и улогата. За мене, најголем предизвик е постојано да се борам да го извлекувам максимумот од себе и да не останам во комфорната зона.

Колку актерот мора постојано да работи на себе, и психички и физички, за да остане подготвен за сцената?
Актерите сме како спортистите – постојано треба да бидеме во добра физичка и психичка подготвеност, без разлика какви улоги играме. Ако некоја улога ни лежи повеќе и ни дава подобар резултат, не треба да се опуштаме. Постојано преминуваме од еден проект во друг, без разлика дали станува збор за театар или филм. Затоа психичката и физичката подготвеност се особено важни – прво за да можеме да издржиме една претстава од почеток до крај на професионално ниво, а потоа и за да постигнеме уште поголем успех.

Покрај театарот, публиката сè повеќе Ве гледа и како музичар. Кога започна љубовта кон саксофонот?
Прво се роди љубовта кон кларинетот. Завршив основно музичко училиште во Прилеп и уште две години дополнително се усовршував, така што мојот прв инструмент е кларинетот. Мојот братучед Филип Стеваноски, кој денес, за жал, е покоен, почна да свири џез музика. Џезот, блузот, фанкот и латино музиката многу ме привлекуваа како слушател. Во тој период немав ниту доволно знаење ниту време да им се посветам, но постојано разговаравме за музиката.
Тој ми рече дека, ако сакам да свирам таков вид музика, подобро е да купам тенор саксофон поради неговиот подлабок звук. Тогаш го продадов кларинетот и со дополнителни средства купив саксофон. Така започна мојата љубов кон овој инструмент. Иако техниката е слична, за мене беше предизвик да го совладам. Не сум професионален музичар и дали добро или не го правам тоа, нека оценат луѓето што ме слушаат. Но љубовта прво беше кон кларинетот, а потоа кон саксофонот. Искрено, ако треба да изберам меѓу двата инструмента, не знам што би одбрал.

Како дојде до соработката со Андријана Чело и создавањето на музичкото дуо?
Почнавме пред неколку години. Неколкупати разговаравме за тоа, но иницијативата беше од нејзина страна. Јас секогаш имав мала резерва и ѝ велев: „Ти си професионален музичар, не знам дали можам да одговорам на задачата“. Таа инсистираше да пробаме. Најде нотни записи од неколку познати странски композиции и се договоривме да направиме проба.
Сакавме искрено да видиме дали се вклопуваме, дали има хемија меѓу нас и дали јас можам да одговорам на нејзиното музичко ниво. Видовме дека добро функционираме заедно и, како што би се рекло денес, кликнавме од прва. Таа соработка трае и денес и се надевам дека ќе продолжи уште долго.

Саксофон и виолончело е необичен спој. Како публиката го прифаќа вашиот музички израз?
Кога почнавме да соработуваме и ги добивме првите покани за настапи, веднаш проверивме на интернет колку е застапена оваа комбинација. Сфативме дека е навистина ретка, особено спојот на тенор саксофон и виолончело.
Публиката добро ја прифаќа затоа што се работи за комбинација на жичен и дувачки инструмент, што не е секојдневна појава. Бојата на двата инструмента прекрасно се надополнува и мислам дека е вистинско уживање за слушателите.

Колку музиката и актерството се надополнуваат кај Вас како уметник?
И двете се уметности и природно се поврзани една со друга. Музиката многу ми помага во актерството. Полесно можам да почувствувам ритам во улогата, во претставата или на филмски сет. Ако зборуваме за темпо во претстава, полесно можам да го почувствувам и да го вратам кога е потребно. Полесно ми е да глумам кога во позадина има музика полесно влегувам во улогата и да си ја доближам до мене и до публиката таа емоција што треба да излезе.
Од друга страна, актерството ми помага во музиката. Ми дава слобода во изразувањето и полесно воспоставувам контакт со публиката. Уметностите се засноваат на емоции и затоа ме надополнуваат во двата правци.

Дали на сцената се чувствувате послободен како актер или како музичар?
Тешко прашање. Сепак, ќе кажам како актер. Во двете уметности постојано напредувам, но со актерството се занимавам многу подолго и тоа е мојата професија. Во него сум вложил најмногу труд и внимание. Настапувам и како музичар, но како свој дом сепак ја чувствувам сцената на која настапувам како актер. Тоа е мала, но важна разлика.

Што најмногу Ви недостига во денешниот културен живот кај нас?
Ова е малку покомплицирано прашање. Ми се чини дека изгубивме некои стандарди кои порано постоеле. Кои точно се тие стандарди и што треба да се врати, тешко е да се одговори. Но како што се губат човечките вредности, така се губат и културните вредности.
Сметам дека уметниците мора повеќе да излегуваат од својата комфорна зона и да создаваат дела што се прават со искрена намера, а не само поради финансиски интерес. Кога нешто се создава со срце, кога носи порака, чувство и емоција, тогаш се создава вистинска вредност. Стандардите ги поставуваме самите ние, но начинот на живот денес влијае и врз културата. Затоа промените не можат да се случат само во културата, туку пошироко во општеството.

На што работите моментално и што публиката може да очекува од Вас во следниот период?
Само што ја имавме премиерата на претставата „Девојките на Марко“ во режија на Синиша Ефтимов. Продолжуваме со работата на „Ловец во ’ржта“ според Џ. Д. Селинџер, во режија на Мартин Кочовски.
Со бендот „Сиото џез“ го подготвуваме вториот авторски албум, а продолжува и соработката со Андријана Чело, како и настапите на различни манифестации. Очекувам и премиера на филм што го снимав минатата година. Тоа се проектите што би требало да се реализираат годинава. Со Господ напред.


Сподели на социјалните мрежи