Во просториите на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп на 26 септември се одржа средба и јазична работилница за лектори, членови на Здружението на лекторите на Македонија. На средбата учествуваа лектори и наставници по македонски јазик, а беа поканети и претставници од Општина Прилеп, новинари, писатели и други почитувачи на македонскиот јазик и пишаниот збор.
Целта на средбата беше размена на информации и искуства за актуелните прашања поврзани со лекторството, во контекст на Законот за употребата на македонскиот јазик.
Во работниот дел беа обработени две теми поврзани со употребата на македонскиот стандарден јазик. За употребата на дијалектизмите од страна на учениците во усната и во пишаната форма на македонскиот стандарден јазик излагање имаше лекторката Наташа Марковска, додека лекторката Александра Лазаревска говореше за употребата на англизмите во усната и во пишаната форма на македонскиот стандарден јазик.
Темите отворија простор за разговор за начинот на кој дијалектните зборови и англицизмите се присутни во секојдневниот говор и пишаната комуникација, како и за нивното место во употребата на стандардниот македонски јазик.
Во дискусијата беше нагласено дека спроведувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик не треба да се сведува само на формално исполнување на законските обврски, туку да придонесува кон доследна и квалитетна употреба на македонскиот стандарден јазик во различни сфери.
Лекторите посочија и на значењето на соработката со институциите и образовниот сектор, со цел нивната стручност да биде соодветно искористена во практиката. Средбата беше искористена и за размена на искуства и отворање прашања поврзани со работата на лекторите и актуелните јазични предизвици.
Работилницата ја водеше Жанета Видевска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“, професорка по македонски јазик и литература и лектор.



















