ПО ПОВОД СВЕТСКИТЕ ДЕНОВИ НА МУЗИКАТА, УЧИЛИШНИТЕ ХОРОВИ СО НОВА ВЕРЗИЈА НА „ПРИЗНАВАМ“

Сподели на социјалните мрежи

По повод Светските денови на музиката, учениците од ООУ „Климент Охридски“ и СОУ „Мирче Ацев“ од Прилеп, во соработка со членовите на КУД „Преродба“ и музичката група „Тајфата“, подготвија впечатлива преработка на безвременската македонска песна „Признавам“ од Маријана и Росана.
Преку заедничката изведба, младите музички таленти уште еднаш покажаа дека македонската песна продолжува да живее и да се пренесува на новите генерации. Проектот претставува спој на младешка енергија, традиција и љубов кон музиката, испраќајќи силна порака за значењето на зачувувањето на македонското музичко наследство.
Музиката е универзален јазик што ги поврзува луѓето, а македонската песна има посебна моќ да ги разбуди емоциите и чувството на припадност. Токму затоа оваа изведба претставува повеќе од музички проект – таа е потсетник дека традицијата не е само дел од минатото, туку вредност што продолжува да живее преку младите генерации.
Зад реализацијата на проектот стојат менторите Маја Џопа и Татјана Трчковиќ Ивановска, додека музичката обработка е на Бојан Митрески. За звукот беше задолжен „Чавлески Логистик“, а видеото е во продукција на „Фан продукција – Пилата“.
Со оваа изведба младите уметници уште еднаш потврдија дека кога талентот, посветеноста и љубовта кон музиката се обединети, резултатот е дело што допира до публиката и остава траен впечаток.

Линк до песната „Признавам“


Сподели на социјалните мрежи