НАУЧНА ТРИБИНА: „ПОМЕЃУ ОТВОРЕНИОТ ДИЈАЛОГ И УДОБНИОТ МОЛК: ТЕАТАРОТ И ОПШТЕСТВОТО“

Сподели на социјалните мрежи

Во време кога општествените кризи, неправдите и политичките превирања сè почесто ја обликуваат нашата секојдневна реалност, се наметнува прашањето: каква е улогата на театарот денес? Дали тој е активен учесник во јавниот дијалог или се повлекува во удобен молк?
Во рамките на фестивалското мото „Храбриот нов театар“, оваа научна трибина ќе отвори разговор за односот меѓу театарот и општеството, за можностите и одговорностите на сцената да препознава, артикулира и проблематизира актуелни општествени прашања.
Ќе се дискутира за традициите на политичкиот и општествено ангажираниот театар, за современите документарни и колективни сценски практики, како и за местото на класичните дела во денешниот контекст.
Посебно внимание ќе биде посветено на прашањата дали повикувањето на „универзалноста“ на класиката понекогаш служи како бегство од конкретните теми на сегашноста, како институционалните театри можат да воспостават посилен дијалог со современата реалност и дали независната сцена нуди нови модели на општествен ангажман.
Трибината има цел да поттикне критичко размислување и отворен дијалог за театарот како јавен простор – простор кој не само што ја рефлектира реалноста, туку и активно учествува во нејзиното преиспитување и обликување.
Модераторка на научната трибина е Христина Цветаноска Станковска, актерка и театролог.
Учесници на трибината се:
• Зоја Бузалковска, режисерка и професорка на ФДУ;
• Искра Гешоска, теоретичарка на уметност и културна менаџерка;
• Сашо Димоски, писател, драмски уметник и професор;
• Кристина Леловац, актерка и професорка на ФДУ.
Научната трибина ќе се одржи на 8 јуни 2026 година, во 17:00 часот во Веган и вегетаријански ресторан/бар „Аура“


Сподели на социјалните мрежи