Самостојната изложба „Дама со девет камења“ на уметникот Иванчо Талевски ќе биде отворена во петок, 3 јули во 20:00 часот, во Нова сцена при НУ Центар за култура – Битола. На 4 јули во 19:00 часот ќе се одржи предавање и промоција на книга која го анализира истражувачкиот процес зад проектот и прашањата поврзани со изгубените цртежи на Марко Цепенков.
„Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект кој преку цртеж, графички техники, видео проекции и звук го истражува поимањето на минатото како материјал, отворајќи прашања за индивидуалната и колективната меморија, историјата и чувството на припадност, како и нивното бележење, трансформација и исчезнување.
Во центарот на проектот се две меѓусебно поврзани целини. Првата претставува циклус цртежи со јаглен на Иванчо Талевски, создадени од 2015 година наваму, како резултат на неговите чести патувања и живот помеѓу Битола и Филаделфија. Овие дела го истражуваат просторот помеѓу различни средини, искуства и идентитети, создавајќи фрагментирана визуелна хроника на секојдневието, движењето и меморијата.
Втората целина претставува уметнички дијалог со композиторот Васко Дуковски, инспириран од истражувањето на изгубените 235 цртежи на собирачот на народно творештво Марко Цепенков. Овој сегмент произлегува од Цепенковиот дијаграм за детска игра „Дама со девет камења“, кој Дуковски го користи како основа за создавање девет звучни композиции, изведени истовремено како комплексна аудио-структура. Преку спој на визуелна и звучна форма, проектот го активира цртежот како партитура, а звукот како просторна интерпретација на меморијата и традицијата.
Во рамките на програмата, на 4 јули ќе се одржи и предавање на Иванчо Талевски, како и промоција на публикација која го следи истражувачкиот процес зад проектот и неговиот развој низ повеќе меѓународни изложбени простори.
Проектот „Дама со девет камења“ досега е претставен во МАНУ, во Центарот за графика во Филаделфија и во Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје, а битолската поставка претставува негова нова просторна адаптација.
Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник кој живее и работи помеѓу Битола и Филаделфија. Неговото творештво опфаќа цртеж, графика, сликарство, звук и инсталација, со фокус на теми поврзани со меморијата, припадноста и историските наративи. Образованието го стекнал во САД и Македонија, а негови дела биле изложувани во бројни меѓународни музеи, галерии и биеналиња во Европа, САД и Азија.
Васко Дуковски е мултидисциплинарен музичар и композитор, по потекло од Охрид, кој живее и работи во Шангај. Образованието го стекнал на „Џулијард“ во Њујорк, а неговите звучни проекти се изведувани во значајни институции како MoMA PS1 и повеќе меѓународни галерии и академски простори. Неговото творештво опфаќа широк спектар на современи музички и експериментални практики.
















