ХУМАН ГЕСТ НА РОТАРИ КЛУБ ПРИЛЕП: ПОДДРШКА ЗА ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД

Сподели на социјалните мрежи

Ротари клуб Прилеп продолжува со своите хуманитарни активности, овојпат со донација на професионален апарат – електронска лупа (дигитална видео лупа) за Здружението на слепи лица од Прилеп.
Станува збор за современ уред со камера и екран, наменет за лица со оштетен вид, кој овозможува зголемување на текст и предмети, висок контраст и полесно читање и следење на различни содржини. Со оваа донација значително ќе им се олесни секојдневното функционирање на слабовидните членови на здружението, особено при читање, учење и пристап до информации.
Од Ротари клуб Прилеп информираат дека уредот е донација од нивниот партнерски Ротари клуб Кочани-Виница, до кого упатуваат искрена благодарност за поддршката и соработката.
Здружението на слепи лица од Прилеп брои 185 членови, а ваквиот вид помагало претставува значајна поддршка за нивното секојдневие и поголема самостојност.
Ова е уште една во низата општествено одговорни активности што ги реализира Ротари клуб Прилеп, потврдувајќи ја својата посветеност кон поддршка на локалната заедница и помош за граѓаните на кои таа им е најпотребна.


Сподели на социјалните мрежи