Битола на 14 јули ќе биде домаќин на музички спектакл од меѓународен ранг. Во организација на НУ Центар за култура – Битола, за првпат ќе настапи Ningbo Symphony Orchestra, еден од најреномираните симфониски оркестри од Народна Република Кина.
Концертот ќе се одржи со почеток во 20:00 часот, а љубителите на класичната музика ќе имаат можност да проследат настап на оркестар составен од повеќе од 100 врвни музичари, препознатлив по своите висококвалитетни изведби и богата меѓународна концертна активност.
Оркестарот зад себе има бројни настапи на престижни концертни сцени ширум светот, како и соработки со истакнати диригенти и солисти од светската музичка сцена. Неговите концерти се познати по врвниот уметнички квалитет и интерпретациите на дела од најзначајните светски композитори.
Билетите за концертот се веќе пуштени во претпродажба по цена од 100 денари.
Од Центарот за култура – Битола упатуваат покана до сите љубители на класичната музика да бидат дел од ова несекојдневно музичко доживување, кое претставува ретка можност за непосредна средба со еден од најугледните симфониски оркестри од Кина.
















