МЛАДОСТ РАЗЛИСТАНА
Младоста ни се отвори како книга
од диви пролетни ветрови,
со страници што мирисаа на дожд
и недоречени желби на потсвеста.
Ти чекореше низ денот како сонце
што штотуку го научило јазикот на морето,
а јас те следев со поглед како река
што го бара својот залив во хоризонтот.
Во твојата коса се заплеткуваа
последните зраци на попладнето,
како златни птици што одбиваат
да заминат кон југ.
Твојата смеа беше шампањ од светлина,
се распрскуваше низ воздухот и
ги будеше сите заспани градини во мене.
Седевме блиску, доволно блиску
за тишината да стане музика,
доволно блиску за воздухот меѓу нас
да трепери како струна на виолина.
Твоето тело мирисаше на лето,
на праски созреани под сонце,
на ноќи што полека
ги соблекуваат своите сенки.
Кога ми го допре рамото,
светот за миг се претвори во искра
— како галаксија што случајно ја допира
друга галаксија во бескрајниот простор
на случајностите.
Во твоите очи имаше траги од светлина,
булевари од надеж, мостови по кои срцето
минуваше без страв од височини.
А љубовта?
Таа не дојде изненадно
Дојде како младо дрво, незабележливо,
но секое утро со нов лист,
секоја вечер со нова боја.
И додека летото ги палеше хоризонтите,
ние растевме во неговото срце — два пламена
што не се натпреваруваат
туку се распламтуваат со силен жар.
Твоите усни беа само на чекор од моите,
како два брегови што ги дели тивка река
а желбата — со страст — кружеше околу нас
како месечина околу својата планета.
Младоста разлистана не беше возраст,
беше градина од бескрајни почетоци,
во која секој допир стануваше цвет,
секој поглед — пролет, а секое твое ветување
нова сезона во мојата душа.
Олга Наумовска, Битола
















