Во Центарот за култура во Битола, на 8 јули (среда) со почеток во 21 часот ќе биде изведена премиерата на претставата „Свињи“, работена по текст на хрватскиот драмски автор Томислав Зајец, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска.
Станува збор за прва македонска постановка на ова современо драмско дело, кое низ препознатлив драмски израз ги отвора темите за моќта, одговорноста, идентитетот, осаменоста, траумата и насилството. Во претставата се преплетуваат елементи на апсурд, црн хумор и гротеска, при што во фокусот е човековата потреба за припадност, љубов и разбирање во општество што често ги оттурнува најранливите.
Авторскиот тим истакнува дека „Свињи“ не нуди готови одговори, туку ја повикува публиката да се соочи со прашањата што ги отвора, потсетувајќи дека најопасните облици на насилство честопати произлегуваат од рамнодушноста, молчењето и прифаќањето на неправдите.
Во претставата настапуваат Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска.
Преводот од хрватски јазик го потпишуваат Тамара Стојаноска и Никола Стојаноски. За дизајнот на звукот, изборот на музика и текстот за сонгот е задолжен Лука Тошев, сценографијата е на Тамара Стојаноска, а костимите се нејзино дело, реализирани во консултација со актерската екипа. Маските ги изработи Горан Спасевски, фотографијата е на Јордан Звездоски, дизајнот на постерот и рекламниот материјал го потпишува Бојана Цилевска, а продуцент е Бобан Алексоски.
Претставата е продукција на Театар „Златен Елец“, реализирана во копродукција со Центарот за култура – Битола.
По премиерната изведба на 8 јули во 21 часот, првата реприза е закажана за 9 јули со почеток во 20 часот.
















