„ПОВИК“ ГОСТУВА ВО ПРИЛЕП – НЕЗАВИСНАТА ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА ЌЕ СЕ ИЗВЕДЕ НА СЦЕНА 105

Сподели на социјалните мрежи

Љубителите на театарската уметност во Прилеп вечерва и утре (9 и 10 јули), со почеток во 20 часот, на Сцена 105 во НУЦК „Марко Цепенков“, ќе имаат можност да ја проследат театарската претстава „Повик“, чиј автор и режисер е Јован Ристовски.
„Повик“ е современа приказна за една млада сликарка која се обидува да ја пронајде вистината во свет во кој уметноста сè почесто се претвора во производ, нарачка и кич. Преку нејзината лична и професионална борба, претставата отвора прашања за изгубениот идентитет, судирот меѓу личниот интегритет и очекувањата на општеството, како и за конфликтот помеѓу слободното творештво и системите што настојуваат да го обликуваат човекот.


Инспирирана од идеите на Карл Густав Јунг, претставата ги истражува архетиповите, сенката и процесот на лична трансформација, испраќајќи порака дека, и покрај сите општествени притисоци, човекот секогаш може да ја избере вистината, слободата и автентичноста. Воедно, претставата е и омаж на жените, нивната сила, мудрост и способност да создаваат и да носат промени.
Во претставата настапуваат Марија Стефановска, Катерина Аневска, Николе Стефанов, Маја Андоновска Илијевски, Наталија Ристеска и Марија Талеска.

Театарската претстава е независен проект, поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Heartefact Fund. Претставата е дополнително поддржана од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia). Партнер и логистичка поддршка е НУ Центар за култура – Битола.
Влезот е слободен, а билетите може да се подигнат од билетарницата на НУЦК „Марко Цепенков“:
• 9 јули од 10:00 до 12:00 часот и од 18:00 до 20:00 часот;
• 10 јули од 18:00 до 20:00 часот.


Сподели на социјалните мрежи