И покрај промената на локацијата поради дождливото време, концертот на народни инструменти „Како дишам јас“ успешно се одржа синоќа во киното „Мис Стон“ во Прилеп, каде бројната публика уживаше во вечер посветена на македонската традиционална музика.
Концертот е лична иницијатива на младиот прилепски музичар Сергеј Настески, студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а се реализира со поддршка на проф. д-р Марјан Јанкоски. Заедно со Настески настапија неговите колеги Дарио и Мила Тренески, Антонио Трајкоски, Теодор Стојковски, Петар Коштрески, Калина Антовска и Славица Томова, како и членови на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.


Публиката имаше можност да проследи богата програма составена од народни песни, инструментални композиции и ора, преку кои младите музичари уште еднаш ја потврдија својата посветеност кон зачувувањето и афирмацијата на македонското музичко наследство.
По концертот, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека вечерта била исполнета со автентичниот звук на македонската традиција и нагласи дека токму ваквите настани покажуваат оти народната музика има свое значајно место и меѓу младите генерации.
Тој упати честитки до Сергеј Настески, неговите колеги и сите учесници, оценувајќи дека младите уметници со својот талент, знаење и посветеност достојно ја промовираат македонската култура и го збогатуваат културниот живот на Прилеп.
Концертот „Како дишам јас“ уште еднаш потврди дека македонската традиционална музика живее преку младите генерации, кои со современ пристап и искрена љубов кон фолклорното наследство успеваат да ја доближат до новата публика и да ѝ дадат нова енергија.


















