Прилепскиот рок-фанк бенд The Doctors во четврток, 23 јули, со почеток во 21:00 часот, ќе одржи концерт на Камената бина, на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп, посветен на легендарниот Мајкл Џексон.
Публиката ќе има можност да ужива во изведби на дел од најголемите хитови на „кралот на попот“, во препознатливиот стил на бендот, кој успешно ги спојува рок, фанк и поп музиката.
The Doctors е прилепски бенд формиран кон крајот на 2022 година, а денес го сочинуваат Сергеј Попоски (вокал), Ѓорѓи Петкоски (бас гитара и придружен вокал), Вилијам Спиркоски (тапани), Филип Сотиров (ритам гитара), Марко Стојаноски (соло гитара) и Мирослав Миленкоски (саксафон) .
Со настапи во Прилеп, Битола и Скопје, бендот веќе е добро познат на локалната музичка сцена. Во својот репертоар има безвременски англиски рок, фанк и поп хитови, македонски песни во современи аранжмани, како и авторски композиции.
Концертот е дел од културолошки проект преку кој The Doctors им оддаваат почит на музичките великани што оставиле неизбришлива трага во светската музика, а овојпат изборот е токму Мајкл Џексон.
Организаторите ги покануваат сите љубители на добрата музика во четврток да бидат дел од оваа концертна вечер и да уживаат во безвременските хитови на една од најголемите музички легенди, во изведба на прилепските The Doctors.















