Прилепчанецот Жарко Димоски деновиве доби уште едно значајно меѓународно признание. На престижниот фестивал за фантастични филмови „Монтевидео Фантастико“ во Уругвај, жирито му го додели Специјалното признание за гласовна актерска изведба (Special Jury Mention – Voice Acting) за главната улога во првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“. Признанието е уште една потврда за успешната кариера на актерот кој со години е присутен на театарската, телевизиската и филмската сцена, а во последниот период успешно работи и на регионални проекти. Во интервју за „Клуб Деница“, Жарко Димоски зборува за новата награда, љубовта кон актерството, животот на сцената, работата во Македонија и Србија, како и за родниот Прилеп кој секогаш има посебно место во неговото срце.
Најпрво, честитки за Специјалното признание за гласовна актерска изведба на фестивалот „Монтевидео Фантастико“ во Уругвај. Колку Ви значи ова меѓународно признание и што претставува за Вас како актер?
Благодарам за честитките.Ова признание го доживувам како потврда дека искрената работа и уживањето во процесот можат да допрат до публика и жири на светско ниво. Тоа ми дава дополнителна мотивација со истата страст да продолжам и во идните проекти.
„Јон Вардар против галаксијата“ продолжува да освојува признанија ширум светот. Колку беше предизвик преку гласовната интерпретација да изградите лик што ќе допре до публика од различни земји?
Секогаш е голема чест да се работи гласовен лик, затоа што тоа е еден сосема поинаков актерски предизвик. Публиката не ве гледа, па преку гласот треба да ја пренесете целата емоција, карактер и енергија на ликот. Во случајов, требаше да му вдахнам живот на лик кој веќе беше нацртан, анимиран и создаден во еден сосема друг свет. Токму тоа ја прави гласовната актерска игра толку специфична и возбудлива.
Родени сте во Прилеп. Какви спомени Ве врзуваат за детството и кога почувствувавте дека актерството ќе стане Ваш животен повик?
Да, роден сум во Прилеп, градот херој, и таму живеев до својата осумнаесетта година. Денес сум на прагот да наполнам 37 години, што значи дека речиси половина од животот го поминав надвор од мојот роден град. Но, сите најубави спомени од детството, првите пријателства и најискрените емоции ме врзуваат токму за Прилеп. Секогаш кога ќе се вратам, чувствувам дека ги полнам батериите и црпам нова инспирација.
Што се однесува до актерството, уште од најрана возраст знаев дека тоа е мојот животен пат. Сцената отсекогаш ме привлекуваше и чувствував дека Бог ми подарил талент преку кој можам да им донесам радост на луѓето, да ги насмеам, да ги трогнам и барем за миг да им помогнам да избегаат од секојдневието. Таа идеја и денес е мојата најголема мотивација и мисија.


Во Вашата кариера успешно ги споивте театарот, телевизијата, филмот, мјузиклот и синхронизацијата. Во кој од овие медиуми најмногу се пронаоѓате и што Ви носи најголемо професионално исполнување?
Секогаш кога ќе ми го постават ова прашање, го цитирам големиот Ал Пачино, кој еднаш рече: „На крајот од мојата кариера, сакам луѓето да кажат: Да, тој беше театарски актер кој многу често снимаше филмови.“
Театарот отсекогаш бил мојата прва љубов, но среќен сум што низ годините успеав да ги спојам сите форми на сценската уметност. Денес, преку мојот авторски кабаре-проект, инспириран од настапите на легендите како Френк Синатра и Дин Мартин, создадов формат во кој се испреплетуваат театарот, музиката, филмот и концертот. Зад тој проект стои тим од петнаесетина луѓе и навистина уживам што, покрај тоа што сум актер, имам можност да бидам и негов креативен двигател.
Тоа е една прекрасна симбиоза на различни уметности и токму затоа често велам: There is no business like show business.
Во последните години сè почесто сте дел од продукции во Србија. Колку се разликуваат условите за работа, продукцијата и можностите за актерите таму во споредба со Македонија и што би сакале да го видите и кај нас?
Апсолутно. Србија има многу поголема продукција и значително поголем пазар од нашиот, па затоа и можностите за работа се побројни. Секако, со тоа доаѓа и поголема конкуренција, но јас отсекогаш сум верувал дека токму конкуренцијата ве тера постојано да растете, да се развивате и како уметник и како човек.
За квалитетот, пак, не би правел споредби. Македонија отсекогаш имала извонредни актери и уметници, талент никогаш не ни недостасувал. Ако нешто навистина ни недостига, тоа е музички театар. Верувам дека земја која е толку музички талентирана заслужува да има современ музички театар, место каде што публиката ќе може да ужива во ваков вид уметност, а актерите, пејачите и музичарите ќе добијат простор да создаваат и да се развиваат.
Зад Вас се бројни улоги и проекти. Постои ли лик што особено Ви останал во срцето или улога што Ве променила како актер?
Искрено, тешко ми е да издвојам само една улога. Тоа е исто како да прашате родител кое дете му е омилено. Секој лик носи своја приказна, свои предизвици и остава поинаков траг.
Со секоја нова улога почнувам од нула. Се обидувам да го запознаам ликот, да разберам како размислува, што чувствува и што го движи. Начинот на кој го градам секој лик зависи и од тоа во каква животна фаза се наоѓам јас во тој момент, затоа што и актерот расте заедно со своите улоги.
Едно нешто, сепак, никогаш не се менува: секогаш се трудам да го дадам својот максимум. Верувам дека талентот е само почетна точка. Без дисциплина, работа и целосна посветеност, ниту најголемиот талент не може да го достигне својот вистински потенцијал.


Како гледате на состојбата во македонскиот театар денес? Дали младите актери имаат доволно простор и можности да го покажат својот талент?
Мислам дека македонскиот театар е во добра состојба и не би рекол дека му недостига квалитет. Напротив, имаме одлични претстави, режисери и актери.
Кога станува збор за младите актери, ситуацијата е малку посложена. Има многу млади луѓе кои добиваат можност да се докажат, но истовремено има и извонредно талентирани актери, дури и повеќекратно наградувани, кои сè уште не можат да го најдат своето место под македонското театарско небо или да се вработат. Тоа е процес што понекогаш зависи од многу околности и потребно е да се поклопат многу работи.
И јас кога дипломирав пред осумнаесет години се соочив со слична неизвесност, па добро знам како се чувствуваат. Но, верувам дека трудот, упорноста и талентот на крајот секогаш го наоѓаат својот пат. Можеби не секогаш во времето што го посакуваме, но сигурен сум дека секој квалитетен уметник ќе си го пронајде своето место.
На што работите во моментов? Подготвувате ли нови театарски, филмски или регионални проекти што наскоро ќе ги види публиката?
Ако нешто постојано правам, тогаш тоа е да создавам. Речиси никогаш не сум без нов проект. Работам и на театарски и на филмски проекти, а во последните години сè повеќе се посветувам и на сопствени продукции. Тоа ми дава можност не само да бидам актер, туку и да ги развивам идеите во кои искрено верувам.
Есента што следува ќе биде навистина динамична и исполнета со многу работа. Подготвуваме неколку интересни проекти и верувам дека публиката има што да очекува. За мене, најубаво е кога можам постојано да создавам нешто ново и да ја изненадувам публиката.
Колку често се враќате во Прилеп и што е она што најмногу Ви недостига кога сте далеку од родниот град?
За жал, не се враќам толку често колку што би сакал, но секогаш кога доаѓам во Прилеп, сакам тоа да биде во мир и тишина. Она што најмногу го чувствувам таму е тој поинаков ритам на живот, таа бавност и спокој што денес многу тешко се наоѓа во градовите каде што живеам и работам.
Прилеп за мене е место каде што можам да ги наполнам батериите, да се поврзам со себе и да соберам нова инспирација. А, секако, покрај сите емоции и спомени, нешто што секогаш ми недостига е препознатливата прилепска скара. Таа е дел од моето детство и од духот на градот.
За крај, која би била Вашата порака до младите прилепчани кои сонуваат еден ден да станат актери и да изградат успешна кариера?
На младите прилепчани кои сонуваат да станат актери би им порачал најпрво да веруваат во себе и во својот пат. Актерството не е само професија, туку е начин на изразување, начин преку кој го споделувате својот поглед кон светот.
Најважно е да не се обидуваат да бидат копија на некој друг. Секој човек е уникатен на свој начин и токму таа различност е најголемата сила на еден уметник. Треба да го пронајдат она што е оригинално во нив и тоа да го развиваат.
Патот во уметноста не е секогаш лесен. Ќе има моменти на сомнеж и препреки, но со многу работа, дисциплина, љубов кон професијата и верба во себе, секој може да го најде своето место. На крајот, најважно е да останете искрени кон себе и кон она што го создавате.


Фотографиите се од албумот на Жарко Димоски.

















