ПРИЛЕП УЖИВАШЕ ВО ФОЛКЛОРОТ НА ПОРТОРИКО И СЛОВАЧКА

Сподели на социјалните мрежи

Во рамките на Фестивалскиот караван на 56. издание на Интернационалниот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ – Битола, синоќа на платото пред НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа концерт на два меѓународни фолклорни ансамбли, кој привлече бројна публика.
Пред прилепската публика настапија Ансамблот „Балетски сабор Борикуа“ од Агуадила, Порторико и Фолклорниот ансамбл „Топлан“ од Гиралтовице, Словачка, кои преку традиционалните песни, игри и автентичните народни носии го претставија богатото културно наследство на своите земји.
Бројната публика со внимание ги проследи настапите на двата ансамбла, уживајќи во енергичните кореографии, препознатливите ритми и впечатливите сценски изведби. Секоја точка беше наградена со аплауз, а атмосферата на платото беше исполнета со позитивна енергија и искрено воодушевување.


Фестивалскиот караван и оваа година ја продолжи својата мисија да го доближи светскиот фолклор до публиката и надвор од Битола, овозможувајќи љубителите на традиционалната музика и игра да уживаат во настапите на ансамбли од различни делови на светот.
Концертот во Прилеп беше организиран од Општина Прилеп и НУЦК „Марко Цепенков“, во соработка со фестивалот „Илинденски денови“, кој повеќе од пет децении претставува една од најзначајните меѓународни фолклорни манифестации во земјава и успешно ги поврзува народите и културите преку универзалниот јазик на фолклорот.


Сподели на социјалните мрежи