Во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 7 август (петок) со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „ДОМА – меѓугенерациски дијалози за денот и ноќта“, колаборативен проект на Александра Ацеска и Илија Ацески. Изложбата ќе може да се посети до 19 август.
Станува збор за изложба на фотографија и фотоманипулација која претставува визуелен дијалог меѓу два различни, но комплементарни авторски пристапи кон разбирањето на светот. Преку нивната соработка, авторите отвораат простор за размислување за начинот на кој го доживуваме значењето, симболите и реалноста.
Според концептот на изложбата, перспективата на Александра Ацеска се стреми кон разбирање преку анализа, расчленување и поедноставување, додека пристапот на Илија Ацески се темели на директно искуство, интуиција и прифаќање на суштината. Токму меѓу овие две гледишта се создава просторот во кој изложбата го гради својот визуелен јазик, покажувајќи дека и наједноставниот симбол може да содржи цел универзум, а значењето се раѓа во средбата меѓу делото и неговиот набљудувач.
Организатор на настанот е НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, кој е поддржан од Министерството за култура и туризама, а влезот за посетителите е слободен.


















