Во рамките на манифестацијата „Од 0 до култура“, која секој четврток носи музички настани на Камената бина во Прилеп, овој четврток, 6 август, пред публиката ќе настапи прилепскиот бенд Strange Cousins.
Концертот ќе започне во 21:00 часот на Камената бина – плоштад „Александрија“, а настанот е во организација на Општина Прилеп, како дел од летната културна програма „Од 0 до култура“.
Strange Cousins е прилепски состав кој изведува classic/alternative rock преработки и претставува продолжение на проектот Voodoo Blokes, кој минатата година настапи на истата сцена со музика од The Prodigy.
Оваа година бендот ќе приреди специјална музичка посвета на еден од најголемите рок-музичари и гитаристи на сите времиња – Џими Хендрикс. Публиката ќе има можност да ужива во безвременските хитови „Voodoo Child“, „Purple Haze“, „All Along the Watchtower“ и други негови легендарни композиции, а остатокот од вечерта ќе биде исполнет со препознатливиот репертоар на групата.
Составот на бендот го сочинуваат:
• Илија Чакароски – гитара, вокал
• Дамјан Ристески – тапани, вокал
• Филип Ристески – бас гитара, вокал
Љубителите на рок-музиката се поканети да бидат дел од уште една незаборавна вечер на Камената бина и да уживаат во квалитетна рок-свирка под отворено небо.

















