ВО ТВОЈОТ ДНЕВНИК И МОЕТО ИМЕ
Во твојот дневник
моето име е напишано со перо
и сино мастило
што останало на прстите
откако си затворила прозорец по дожд.
Секоја буква дише
како мало ноќно пристаниште,
каде бродовите ги врзуваат своите тишини
наместо јажиња.
Кога го изговараш моето име,
часовникот во собата
го заборава својот занает;
стрелките стојат
како две птици на електрична жица
пред невреме.
Твоите очи се потписи на вода.
Во нив се огледува градот,
но градот изгледа помлад,
како да бил измислен
да плови со брод низ море.
Јас те сакам
како што морето ја сака месечината —
не може да ја допре,
а сепак целото негово тело
се крева кон неа.
Твојата насмевка е бела станица
во која доцнат сите возови на стравот.
Таму моето срце слегува
со мал куфер од дожд
и веднаш заборава
на сите претходни адреси.
Ние сме две лозинки
што истата ноќ
ги чува во својата меморија.
Кога се допираме,
воздухот отвора нов таб во вселената
и ѕвездите скролаат побавно.
Твојата коса мириса на темни библиотеки
во кои љубовта ги чита
своите забранети ракописи.
Јас ги прелистувам тие страници
со стравопочит,
како археолог што открил
дека иднината има пулс.
Во твојот дневник
моето име стои до датум
што календарите сè уште не го познаваат.
Таму времето не тече —
туку цвета.
И ако еден ден
светот ги изгаси сите екрани,
ќе остане оваа страница:
ти,
јас,
и љубовта што свети тивко
како прозорец на последниот кат
додека градот спие.
Олга Наумовска , Битола

















