„ДОМА“ ОТВОРИ МЕЃУГЕНЕРАЦИСКИ ДИЈАЛОГ ПРЕКУ ФОТОГРАФИЈА И ФОТОМАНИПУЛАЦИЈА

Сподели на социјалните мрежи

Во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, синоќа беше отворена изложбата „ДОМА – меѓугенерациски дијалози за денот и ноќта“, колаборативен проект на прилепските автори Александра Ацеска и Илија Ацески.
Изложбата, која преку фотографија и фотоманипулација воспоставува визуелен дијалог меѓу две генерации и два различни авторски пристапи, пред прилепската публика го отвора прашањето за начинот на кој го доживуваме светот, симболите и значењето што им го даваме на нештата.
Концептот на изложбата се темели на спротивставеноста, но и на надополнувањето на двата пристапи. Перспективата на Александра Ацеска се стреми кон разбирање преку анализа, расчленување и поедноставување, додека пристапот на Илија Ацески се темели на директно искуство, интуиција и прифаќање на суштината. Токму во просторот меѓу овие две гледишта се создава визуелниот јазик на изложбата.
Како што е наведено во концептот, изложбата го истражува просторот во кој и едноставниот симбол може да содржи цел универзум, а значењето се појавува во средбата меѓу делото и набљудувачот.

Настанот го водеше Каролина Мицевска, додека за изложбата и авторите зборуваше Филип Димковски, кој го претстави концептот и творечкиот пристап на Александра и Илија Ацески.
Александра Ацеска е родена во Прилеп, а живее и работи во Фошан, Кина. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство и графички дизајн, а во 2023 година магистрирала сликарство. Зад себе има повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и Кина, како и повеќе награди и признанија за својата работа.
Илија Ацески подолго време се занимава со фотографија. Неговите фотографии се наградувани и објавувани, а меѓу признанијата се издвојуваат наградата на „Патоказ магазин“ за фотографија, третата награда на „Ехо фестивал“ за планинарска фотографија, како и признанијата „Фото на неделата“ во „Нова Македонија“ во 2023 и 2024 година. Учествувал и на Годишната изложба на ФФК Прилеп во 2024 година.
По отворањето, авторите им се заблагодарија на присутните за поддршката и присуството, а публиката имаше можност непосредно да се запознае со делата од проектот „ДОМА“.
Изложбата ќе биде отворена до 19 август во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Влезот е слободен.
Организатор на изложбата е НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со поддршка од Министерството за култура и туризам.


Сподели на социјалните мрежи