На стартот на уписите, ректорот на УКЛО за можностите што ги нуди Универзитетот, практичната настава, европските програми и пораката до идните бруцоши
Изборот на факултет е една од најважните одлуки за секој матурант – одлука која го определува неговиот професионален и личен развој. Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги објави конкурсите за упис, и нуди 2.115 места за додипломски студии и можност новата генерација бруцоши да станат дел од универзитетска заедница со силна европска димензија.
Заинтересираните кандидати ќе можат да аплицираат на 18, 19, 20 и 21 август 2026 г. во првиот уписен рок на прв циклус студии. Во пресрет на уписите – за можностите што ги нуди Универзитетот, предностите на студирањето дома и пораката до идните бруцоши, во интервју за „Клуб Деница“ зборува ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски.
УКЛО годинава нуди 2.115 места за нови бруцоши, од кои повеќе од илјада се во државна квота. Дали тоа значи дека најголем дел од матурантите ќе имаат реална можност да се запишат како студенти финансирани од државата – на посакуваниот факултет и студиската програма?
Да, студентите ќе имаат можност да студираат на оние студиски програми на кои имаат желба, но не сите во државна квота без плаќање на школарина, туку само партиципација. Затоа апелирам сите заинтересирани да аплицираат на првиот уписен рок и да обезбедат место во државна квота, бидејќи на најатрактивните студиски програми местата се пополнуваат уште во првиот уписен рок.
Што добива еден студент кога ќе избере да студира на УКЛО, освен стекнување диплома?
Вистинско знаење и вештини кои се многу поважни од дипломата. Но исто така пријателска и позитивна средина, индивидуален пристап и многу воннаставни активности – дружење, спорт, забава, поддршка во кариерниот и личниот развој.
Како УКЛО ги усогласува студиските програми во духот на новото време и потребите на пазарот на труд?
УКЛО е пионер не само во државата туку, без лажна скромност, и глобално, во примена на нов иновативен начин на креирање на студиските програми со вклучување на наставниот кадар, работодавачите, алумните (поранешните студенти) и сегашните студенти. Со овој метод ќе добијат глас не само наставниот кадар (што е она што е светска пракса?), работодавачите (што би сакале како вештина да поседуваат идните вработени?), поранешните студенти (што им недостасувало најмногу кога се вработиле) и сегашните студенти (што им недостасува во текот на студирањето?). Овој процес започна минатата година и очекуваме да продолжи и да се прошири на сите студиски програми во наредниот период.
Практичната настава е сè поважна за студентите. Како УКЛО ја развива соработката со компаниите и институциите и какви можности имаат студентите за стручна пракса и полесно вклучување во работните процеси?
Да, УКЛО го препознава тоа и уште пред три години направи пионерски чекор што овозможи дуално образование (практичниот дел од наставата да се спроведува во компаниите) и вклучување на стручњаци од праксата во изведувањето на практичната настава. Исто така, студентите имаат можност за платена летна пракса, за што континуирано објавуваме повици во соработка со нашите партнери.

УКЛО е дел од КОЛОРС Европската универзитетска алијанса. Што конкретно значи тоа за студентите и какви европски можности им се достапни уште во текот на студирањето?
Европско образование дома. УКЛО е здружен со уште 8 универзитети од исто толку ЕУ земји и студентите континуирано имаат можност за учество на наставни и воннаставни активности организирани од нашиот универзитет и било кој од другите универзитети членови на КОЛОРС Алијансата. Исто така, преку Еразмус+ програмата, можат да поминат еден семестар или цела студиска година на некој европски универзитет, при што сите испити и други активности кои ќе ги завршат таму им се признаваат како да ги исполниле на УКЛО. Значи, во вистинска смисла на зборот, да добијат европско образование без да се изложуваат на никакви трошоци.
Дали студентите можат да се вклучат во научноистражувачки проекти, конференции и други активности уште за време на студирањето?
Да, во сите научноистражувачки проекти е пракса (а во некои и обврска) да бидат вклучени и студенти. Исто така, УКЛО организира и годишна студентска научна конференција и го издава првото македонско студентско научно списание „Нови хоризонти“.
Денес најголем дел од младите се наоѓаат на едно распетие и размислуваат – дали да студираат дома или во странство. Што би им порачале на оние кои се двоумат?
Секогаш може да се замине некаде, но најдобра опција за почеток е да се остане дома и да се користат можностите да се добие европско образование дома. Топлината на домот не може ништо да ја замени, а можностите за образование на нашите универзитети не заостануваат зад оние на европските универзитети од ист ранг.
Која е Вашата порака до идните бруцоши – зошто токму УКЛО?
Затоа што УКЛО нуди европско образование од дома.


















