„ТИВОК РИТАМ НА ФОРМИТЕ“ – ИЗЛОЖБА НА МИЛИЦА АЛИМПИЌ ИЛИЌ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, в петок, 21 август, со почеток во 19:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Тивок ритам на формите“ на српската ликовна уметница Милица Алимпиќ Илиќ. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Изложбата претставува серија слики во кои женската фигура се појавува како централен носител на визуелната и емотивната приказна. Преку различни положби, движења и односи на фигурата со просторот, авторката ги истражува и претставува внатрешните состојби на жената.
Како што посочува Алимпиќ Илиќ, насловот „Тивок ритам на формите“ го изразува нејзиното разбирање дека формата, линијата и бојата не се само визуелни елементи, туку простор во кој телото, чувството и мислата се среќаваат на спонтан и искрен начин.
Милица Алимпиќ Илиќ е родена во Шабац, Србија, во 1984 година. Средното образование го завршила во Училиштето за уметнички занаети во Шабац, а дипломирала на Високата школа за ликовни и применети уметности струковних студија во Белград. Член е на Здружението на ликовните уметници на Шабац.
Во досегашната уметничка кариера реализирала седум самостојни изложби во Србија и учествувала на бројни групни изложби во Србија и во повеќе земји низ светот, меѓу кои Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Полска, Канада, Турција, Мексико, Аргентина, Јапонија и Јужна Кореја.
Покрај авторската практика, таа се занимава и со едукација и илустрација, води ликовни работилници за деца и возрасни и илустрира книги и сликовници. Таа е и еден од основачите и организаторите на Меѓународната ликовна колонија „Накучани“, која се одржува од 2010 година, како и на Интерконтиненталниот детски онлајн ликовен натпревар „Доброчинство“, основан во 2022 година.
За својата работа има добиено повеќе награди и признанија. Меѓу нив се Првата награда на колективната изложба „PrimaverARTE 2024“ во Галеријата „Жизел Дуран“ во Буенос Аирес, Аргентина, Пофалницата на 19. Пролетен салон на Галеријата на Центарот за култура „Масука“ во Велика Плана и Првата награда на изложбата „Арт Феникс“ во Скопје.
Изложбата „Тивок ритам на формите“ ќе биде отворена од 21 август до 3 септември 2026 година во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.


Сподели на социјалните мрежи