„ТИВОК РИТАМ НА ФОРМИТЕ“ – ИЗЛОЖБА НА МИЛИЦА АЛИМПИЌ ИЛИЌ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, синоќа беше отворена изложбата „Тивок ритам на формите“ од Милица Алимпиќ Илиќ.
Уметницата се претставува со дела на кои се појавуваат изразени женски фигури како централен носител на визуелната и емотивната приказна.
Изложбата ја отвори Бранко Трајкоски, кој посочи дека сликите од Милица Алимпиќ Илиќ претставуваат спој на геометриска апстракција, организам и метафизичко сликарство, односно геометриски фигуративен модернизам и современ кубизам со арт деко влијание.
„Тематскиот фокус е врз женската енергија, движењето, емоционалната состојба и просторот, преку кој, заради спојот на сценскиот дизајн, циркуско-театарските мотиви и геометриската архитектура во позадина, има доближување на руската авангарда… Во одредени слики, заради мистериозната перспектива, чудните рамки и прозорци и атмосферата на осаменост и интроспекција, се пронаоѓа референтност кон амбиентот на Џорџо де Кирико“, рече на отворањето на изложбата Трајкоски.
Милица Алимпиќ Илиќ е академска уметница од Србија, која има реализирано повеќе изложби, а се занимава и со едукација и илустрација.

Изложбата „Тивок ритам на формите“ ќе биде отворена од 21 август до 3 септември 2026 година во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.


Сподели на социјалните мрежи