„TRIO DOLCE“ СО УБАВА КАМЕРНА МУЗИЧКА ВЕЧЕР ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Љубителите на класичната музика во Прилеп синоќа имаа можност да уживаат во концертот на камерното трио „Trio Dolce“, кое пред публиката во Фоајето/Ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ понуди внимателно одбрана и разновидна музичка програма.
Светлана Богданоска Ристоски на флејта, Андријана Дукоска на виолончело и Марија Шамоска Буџаковски на пијано создадоа богата камерна атмосфера, исполнета со префинет звук и различни музички изрази. Публиката со внимание го следеше концертот и уживаше во музиката на Astor Piazzolla, Carl Maria von Weber, Трајко Прокопиев, Philippe Gaubert, P. I. Tchaikovsky и Nelio Milotti.
На програмата беа „„Libertango“ и „Oblivion“ од Astor Piazzolla, „Trio in G minor, Op. 63“ од Weber, „Дојранка“ од Трајко Прокопиев, „Trois Aquarelles“ од Philippe Gaubert, избор од „The Seasons, Op. 37“ од P. I. Tchaikovsky и „Охридски бисери“ од Nelio Milotti.
Успешниот концерт уште еднаш покажа дека во Прилеп постои публика која знае да ја препознае и ужива во класичната музика, но и дека камерните состави со квалитетна работа можат да создаваат континуитет и да траат со години. „Trio Dolce“ е формирано во 2016 година, а зад себе има бројни концерти во земјата и странство, како и значајни меѓународни награди.
Концертот во Прилеп беше уште една потврда дека класичната музика има свое место во културниот живот на градот, а ваквите настапи се можност тоа место дополнително да се збогатува со квалитетни музички содржини.
Публиката со заслужен аплауз им се заблагодари на трите уметнички за прекрасната музичка вечер.


Сподели на социјалните мрежи