ГАБРИЕЛА СТОЈАНОСКА СО ПРОМОЦИЈА НА ПОЕТСКАТА ЗБИРКА „ЖИВИ РАНИ, МЕЛЕМ ПЕСНИ“

Сподели на социјалните мрежи

Прилепската писателка Габриела Стојаноска на 27 август во Прилеп ќе ја промовира својата најнова книга, поетската збирка „Живи рани, мелем песни“.
Промоцијата ќе се одржи во четврток, со почеток во 17:30 часот, во Арт-кафе „Апореа“, каде љубителите на поезијата ќе имаат можност да се дружат со авторката, да разговараат за книгата и да слушнат дел од нејзината поезија.
„Живи рани, мелем песни“ е нејзина прва поетска книга, но шесто дело во нејзиното творештво. Во збирката се застапени шеесетина песни, создадени во период од триесет години. Како што вели самата авторка, книгата претставува нејзин „најинтимен лирски дневник“, составен од значајни моменти од нејзиното себедоживување и доживување на светот.
Во песните се преплетуваат темите на траумите, загубите, љубовта, телото, сеќавањето и силните чувства, кои преку зборот добиваат поинаква форма. Збирката е поделена во четири поетски циклуси, кои заедно создаваат заокружена целина и препознатлив поетски свет.
Стојаноска зад себе ги има трите збирки раскази – „Гола“ (2007), „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019) и „Сега би пишувала за…“ (2022), научната студија „Кусиот расказ и сонот – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи“ (2018), како и збирката драми „Драми (Трудници/Тајни)“ (2020).
За промоторка на збирката е избрана писателката Оливера Андоноска, авторка на поетската збирка „Ние сме Ева“, збирката раскази „Како ја убив Вера и како таа повторно се роди“ и сликовницата „Сонцето и Кралицата на темнината“. Андоноска е и добитничка на наградата „Антево перо“.
Стиховите од „Живи рани, мелем песни“ ќе ги интерпретира младата актерка Лора Штарго, која неодамна дипломираше на ФДУ во класата на професорите Зоја Бузалковска и Александар Степанулески. Таа игра во претставите на прилепскиот театар „Девојките на Марко“ и „Ученикот“.
Промоцијата во Прилеп ќе биде можност за читателите да се запознаат со првата поетска книга на Габриела Стојаноска, но и со поетскиот свет во кој личното искуство, болката, сеќавањето и љубовта се претвораат во стих.
Со оваа книжевна средба, авторката ги повикува прилепчани на дружење исполнето со поезија, разговор и непосредна средба со книгата „Живи рани, мелем песни“.


Сподели на социјалните мрежи