Прилеп на 28 и 29 август ќе биде домаќин на второто издание на AirFlow Music Festival, кој ќе се одржи на Спортскиот аеродром. Фестивалот и годинава носи комбинација од музика, забава, адреналин и атрактивна програма под отворено небо.
По успешното прво издание, AirFlow повторно ја обединува електронската сцена, домашните музички имиња и дополнителните фестивалски содржини, со програма која е наменета за поширока публика.
Овогодишното издание носи настапи на M̄IM̄I x FY, Rafael Cerato, Каролина Гочева, Ampov & Dimchuga, Sempre, The Hounds, Cige x Mitrik и други.
Посебно внимание привлекува AIR SHOW, кој ќе биде дел од фестивалското доживување. На Спортскиот аеродром се најавени акробации со авиони и едрилици, како и скокови со падобрани од авион, со кои ќе биде отворен фестивалот.
Покрај музичката и забавната програма, второто издание на AirFlow Music Festival продолжува и со својата хуманитарна мисија.
Дел од средствата од продадените влезници ќе бидат донирани за лекувањето на малиот Никодим Мидоски, односно за неговата терапија во Турција. Според објавените информации, 15 проценти од средствата од продадените билети ќе бидат наменети за семејството на Никодим.
Со тоа, посетителите кои ќе го поддржат фестивалот не добиваат само можност за два дена музика и забава, туку со купувањето на влезница стануваат дел и од една хумана иницијатива.
Хуманитарниот карактер не е новина за AirFlow. Првото издание, покрај музичката програма, имаше хуманитарна цел, при што собраните средства беа за поддршка на повредените во трагичниот пожар во Кочани.
Со секоја купена влезница е вклучен и превоз до и од фестивалот, како и следење на специјалното sky show. Превозот ќе биде организиран од Хотел Липа, на секои 30 минути, а во првите два часа автобусите ќе сообраќаат на секои 15 минути.
Фестивалската понуда ќе биде надополнета и со Food Corner, каде што посетителите ќе можат да избираат храна од три мобилни кујни – Oljo’s Street Food, De Niro Catering и AnaMarija fast food.
Влезниците се достапни онлајн преку платформата WAY IN, како и локално во Onyx Cafe & Bar и Sky Corner.
Еднодневниот билет чини 700 денари, додека дводневниот билет е 1.000 денари.
На 28 и 29 август, Спортскиот аеродром во Прилеп ќе биде место каде што музиката, авијацијата, забавата и хуманоста ќе се спојат во едно поинакво фестивалско доживување.


















