ДВЕ ВИОЛИНИСТКИ СО КОНЦЕРТОТ „ГЛАСИЛКИ“ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Љубителите на класичната музика во Прилеп на 3 септември (четврток) ќе имаат можност да проследат концерт на виолинистките Софија Никоска Маџароска и Елена Ѓоргиевска, насловен „Гласилки“. Концертот ќе се одржи во Ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“, со почеток во 19 часот.
Двете уметници пред публиката ќе се претстават со избор на дела за две виолини. На програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, меѓу кои седум од неговите „Двогласни инвенции“, потоа „Пастирско“ и „Два цвета“ од Марјан Јанкоски, „Дуети за две виолини“ од Р. Е. Глиер, како и „Пасакаља“ од Г. Ф. Хендл / Ј. Халворсен.
Софија Никоска Маџароска своето музичко образование го започнува во родниот град, а средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. На 15-годишна возраст станува студентка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде дипломира со највисока оценка CUM LAUDE во класата на проф. Олег Кондратенко, а подоцна и магистрира.
Своето образование го продолжува во Кралската школа „Queen Sofia College of Music“ во Мадрид, каде шест години студира во класата на светски реномираниот професор Захар Брон. Како стипендистка на фондацијата „Albeniz“ реализира бројни настапи во Шпанија, како солистка и како член на камерни состави. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Покрај концертната дејност, посветена е и на педагошката работа, а во периодот од 2018 до 2024 година работи како професор по виолина, камерна музика и методика на наставата по виолина на Музичката академија при УГД во Штип. Реализира и семинари по виолина.
Елена Ѓоргиевска своето музичко образование го започнува во Пробиштип и Гевгелија, а средното музичко училиште го завршува во Штип. Дипломира и магистрира на Музичката академија при УГД во Штип, во класата на проф. м-р Олег Кондратенко и Владимир Крстев, а магистерските студии по виолина ги завршува во класата на Софија Никоска Маџароска.
Од 2010 година е член на музичкиот состав „Портал“, во кој настапува како виолинистка и вокал. Со составот има реализирано повеќе музички изданија и настапувала на значајни музички манифестации во земјава. Во својата професионална работа е посветена и на музичката педагогија, а моментално работи како наставник по виолина во ООМУ „Стефан Гајдов“ во Велес.
Со заедничкиот настап, двете виолинистки пред прилепската публика ќе ја претстават музиката за две виолини низ дела од различни периоди и стилови.


Сподели на социјалните мрежи