Прилепскиот ликовен уметник Филип Јовески во своето творештво ги поместува границите меѓу различните уметнички дисциплини. Како мултимедијален и трансдисциплинарен визуелен уметник, но и архитект, тој истражува низ различни медиуми и пристапи, поврзувајќи ја визуелната уметност со архитектурата, културното наследство и современите технологии.
Неговиот творечки пат е поврзан и со искуства надвор од земјава. Уметничките студиски престои во Германија, Русија, Чешка и Англија, како и професионалното искуство во Германија, му овозможиле да се запознае со различни уметнички средини и пристапи. Во неговото творештво особено внимание привлекува циклусот „Живи артефакти“, преку кој ја истражува врската меѓу традиционалниот уметнички израз и современите технологии.
Оваа година неговиот најнов проект „Живи артефакти – Трансценденција“ беше претставен во Куманово, а потоа и во Тирана, отворајќи нов простор за комуникација со публиката надвор од Македонија. Неговото творештво е проследено и со повеќе изложби, меѓународни учества и награди.
За неговиот творечки пат, искуствата стекнати во странство, односот меѓу архитектурата и уметноста, циклусот „Живи артефакти“, последната изложба во Тирана, но и за прилепската ликовна сцена и идните планови, разговараме со Филип Јовески.
Филип, вашиот професионален пат се движи меѓу визуелната уметност и архитектурата. Како се преплетуваат овие две области во вашето творештво?
Визуелната уметност и архитектурата за мене се огледало на традицијата и двигатели на иновацијата во светот. Во моите дела, тие ги отелотворуваат моите верувања и аспирации и се одраз на мојата свест. Архитектурата е прагматична и функционална и се раѓа од потреба. Претставува отелотворена имагинација, физичка манифестација на идеја претопена во простор преку трансдисциплинарен процес на трансформирање на концептот во реалност. Визуелната уметност, иако има своја физичка димензија, е ефемерна и флуидна. Таа се раѓа од личните внатрешни искуства и емоции, а е вкоренета во нашите желби, стравови и соништа. Таа е тука за да инспирира, провоцира или едноставно да нè исполнува.
Како дисциплини, тие отсекогаш биле во меѓусебен дијалог и се надополнувале една со друга во моите креации. Во мојата секојдневна уметничка пракса, границите меѓу овие две дисциплини секогаш се преклопуваат и редефинираат една со друга. И во двете области користам рамнотежа, ритам и пропорција како основа за композицијата, и боја, текстура и симболика за визуелна и емоционална експресија. Техниките, технологиите и принципите на проектирање и дизајнирање кои се типични за архитектурата можам многу лесно да ги пренесам и реинтерпретирам во областа на визуелната уметност. Со комбинирање на можностите што ги нудат двете дисциплини, создавам дела кои претставуваат визуелен спој на мојата лична култура, на колективното културно наследство и на технологијата.


Имате остварено уметнички студиски престои во Германија, Русија, Чешка и Англија. Што ви донесоа овие искуства и колку влијаеја врз вашиот уметнички развој?
Како уметник, постојано сум во потрага по инспирација. Патувањето и посетувањето на други држави ми помагаат да стекнам нови перспективи, да проучам нови уметнички стилови и да откријам различни култури кои ја подигаат мојата уметност на повисоко ниво. Остварувањето на овие уметнички престои ми овозможи нови искуства кои имаа длабоко вли////јание врз формирањето на мојата тековна уметничка експресија.
Истражувањето на другите култури за мене започнува многу порано од физичката посета на посакуваната дестинација. Подготовките во ваквите случаи се исто толку важни колку и спонтаните доживувања во текот на патувањето. Посетата на разните галерии и музеи (уметнички, антрополошки и историски) беше составен дел од студиските престои. Можноста да ги набљудувам (и подлабоко проучам) делата на старите мајстори и на современиците беше од непроценливо значење за мене и е нешто што не ќе можев да го постигнам преку слики или компјутерски екран.
Познанствата со локалните жители ми понудија одлична можност за истражување на градовите и нивните „живи“ култури. Храната, начинот на живеење, нивните традиции и реалности (културни, политички, религиозни) ми понудија можност за креирање на разни наративи кои подоцна ми послужија како инспирација за концепирање на нови дела.
Познанствата со разните профили на уметници ми понудија еден поинаков аспект на доживување и беа одлична можност за културна размена на попрофесионално ниво. Заедничкото истражување и експериментирање, споделувањето на техниките и начините на кои ги создаваме делата, и откривањето на нови естетики преку процеси на кокреација, беа одлична основа за концепирање на нови хибридни и трансдисциплинарни уметнички форми кои се основа на мојата уметничка пракса.
Германија има посебно место во вашиот професионален пат. Што најмногу ви донесе престојот и работата таму, и како тоа искуство влијаеше врз вашето творештво?
Живеењето во Германија длабоко влијаеше врз изградбата на мојот ликовен израз и врз начинот на кој функционирам како на приватен, така и на професионален план. Престојот и работата во Германија ми овозможија да искусам како функционираат работите кога професионализмот е на највисоко ниво, ниво кое и по 10 години откако сум вратен го немам искусено во ниеден сегмент од моето секојдневие; да посетам голем број градови со богата архитектонска историја (и да ја проучувам истата), тргнувајќи од градови кои не го промениле своето архитектонско јадро од минатиот век, па сè до градови кои биле речиси потполно разурнати за време на Втората светска војна, а потоа добиле нови современи ликови; да посетам музеи и галерии кои содржат поставки и дела од сите можни уметнички правци; да ја доживеам современата уметничка сцена во Берлин, која е една од најавангардните и најпочитуваните во целиот свет; и, нормално, да запознам колеги и нови пријатели кои доаѓаат од разни држави и се занимаваат со разновидни професии и занаети. Сите овие искуства беа инструментални во дефинирањето на мојата уметничка пракса и оставија траен печат во моето творештво.
Во вашата работа се среќаваат традицијата и современите технологии. Од каде доаѓа потребата да ги споите овие два света?
Потребата за комбинирање на традицијата и технологијата во мојата уметност произлегува од желбата за пронаоѓање нови и свежи начини за раскажување на современи наративи сместени во историски контексти со богато културно минато, пренесени со употреба на нови технологии кои овозможуваат креативни начини на експресија и презентација.
Овој спој за мене дојде многу природно и без никаков напор. Користењето на различни софтвери за 3Д-моделирање, рендерирање и анимација се дел од практиката на секој архитект кој сака да остане релевантен во својата сфера. Така, користењето на овие за мене веќе познати алатки и нивното комбинирање со други, нови софтвери и технологии од други дисциплини само ја зголемија мојата желба за уметничко експериментирање и изнаоѓање нови начини на кои можам својата визија да ја преточам во реалност.
Употребата на дигиталните алатки ми овозможува побрзо и полесно тестирање и итерирање на идеите, додека користењето на традиционалните методи и техники при креирањето им додава физичка текстура и длабока лична емоција на делата, што пак недостасува кај дигиталниот екран. Оваа невообичаена комбинација за мене претставува и еден од следните логички чекори во еволуцијата на уметничката пракса, бидејќи мобилниот телефон и апликациите се дел од нашето секојдневие и се сеприсутни во секој аспект од нашиот живот.


Оваа година го претставивте „Живи артефакти – Трансценденција“, третиот дел од вашиот циклус, најпрво во Куманово, а потоа и во Тирана. Што значи „Трансценденција“ во овој проект и што носи ново?
Оваа фаза од циклусот на „Живите артефакти“ го продолжува семиотичкиот приказ на декомпонираниот код од народните носии и традиционалните шари типични за овие простори. „Новото“ во овој циклус е прочистениот израз и препознатливоста на боите (црвена, црна, портокалова и бела) кои се вкоренети во секој визуелен аспект од нашето богато културно наследство.
Трансценденцијата во проектот се однесува на преминување на границите на искуството, преминување преку она што ги надминува сфаќањата на човекот/уметникот/посетителот, она што е надвор од границите на „нормалниот“, поимливиот свет. Тоа се случува кога аналогното уметничко дело направено со традиционални класични техники на сликање се трансформира во дигитално, бинарно и ефемерно дело. Во истиот момент, двете дела ги гледаме паралелно на истото место, надредени, но во сосема различни реалности (физичка и виртуелна). Во тој момент, визуелниот код се претвора во дигитален код кој, пак, се претвора во информација која е визуелна и аудитивна.
Како го доживеавте претставувањето на проектот во Тирана? Дали забележавте разлика во реакциите на домашната и странската публика?
Претставувањето на проектот „Живи артефакти – Трансценденција“ во Тирана за мене претставува огромен успех. Тирана моментално е регионален центар на културни збиднувања и моето гостување таму ми овозможи нови лични и професионални познанства и можности за соработка. На отворањето на изложбата беа присутни претставници од нашата амбасада во Албанија, локални и интернационални уметници од различни културни сегменти, како и ентузијасти кои беа изненадени и воодушевени од тоа што го гледаат.
Реакциите на посетителите се мојот омилен дел од отворањето на изложбите. Нивните непосредни реакции и начинот на кој нивните лица озаруваат кога ќе го видат дигиталниот компонент на делото, за мене претставуваат вистинско задоволство. Без разлика дали е тоа во Прилеп, Куманово, Скопје, Лерин, Белград или Тирана, нивните чувства се јасно видливи кога ќе ја здогледаат анимацијата на луѓе кои се движат по шарениот плоштад, или кога пеперутката со своите крила излегува во тродимензионалниот простор, надвор од физичкото дело.


Добитник сте на повеќе награди, меѓу кои и прва награда на „Остен биенале“ за фотографија, филм и мултимедија. Колку ваквите признанија се важни за еден уметник?
Освојувањето на престижната прва награда за фотографија, видео и мултимедија на Остен биеналето 2024 е голема чест и неверојатна пофалба за мојата уметност и мојата уметничка визија. Ова достигнување, наградата доделена од страна на почитуваното меѓународно жири, е уште позначајно и поскапоцено за мене бидејќи беше доделено за дела што ги комбинираат повеќето мои креативни интереси и страсти. Тоа е признание за моите најискрени напори да создадам нешто ново и освежително на современата уметничка сцена во регионот.
Мислам дека сите награди и меѓународни признанија се прилично значајни за еден уметник, особено доколку истиот сака да изгради една издржана уметничка пракса која ќе биде прифатена и признаена не само од домашната, туку и од меѓународната уметничка сцена. Гледано од денешен аспект, две години подоцна, би рекол дека освојувањето на првата награда на Остен биеналето 2024 ми овозможи зголемена видливост и можност за професионална промоција во разни општествени и културни сфери.
Член сте на ДЛУМ, ДЛУБ и ДЛУП. Колку е важно за еден уметник денес да биде дел од професионална и уметничка заедница?
Сметам дека членувањето во различни уметнички друштва носи разни придобивки и предизвици. Запознавањето и остварувањето контакти со други уметници и останати профили на културни работници од земјата е од особено значење за напредокот на еден уметник, како на професионален, така и на личен план.
Можноста за промовирање на делата пред нова публика е уште една од придобивките на членувањето во повеќе уметнички друштва. Меѓународната соработка на ДЛУМ и ДЛУБ со културни профили надвор од нашата држава е поттик плус за членство во истите. Голем дел од моите проекти во странство и соработките остварени со уметници од соседните држави се директна последица од моето активно членување во уметничките друштва.


Како прилепски уметник, како ја гледате денешната ликовна сцена во Прилеп? Што мислите дека ѝ недостига, а што е нејзината најголема сила?
Иако во Прилеп има голем број на ликовни уметници, би рекол дека сè уште недостига одредена динамика во однос на редовен и постојан креативен аутпут и одржување на изложби, без разлика дали индивидуални или групни. Малиот број на посетители и поддржувачи на визуелната уметност, особено слабата посетеност на изложбите од страна на сите профили на културни работници (историчари на уметност, музичари, театарски глумци, режисери, писатели, па дури и ликовни уметници) значително влијаат на желбата на самите уметници за локално претставување на создадените дела. Како уште еден фактор кој придонесува кон оваа намалена динамика е и недостатокот на меѓусебна комуникација и ниското ниво на професионализам.
Како најголема позитивна сила која лично мене ме поттикнува да продолжам со создавање, истражување и експериментирање во оваа област, е поддршката од моите најблиски, моето семејство, другарите, пријателите и колегите кои со особен жар ја чекаат секоја моја наредна изложба и безрезервно ми пружаат сè што ми треба. Нивната заинтересираност за различните теми и начини на презентација во моите дела, особено нивната отвореност кон делата создадени со аугментираната (засилена) реалност, ми дава надеж дека уметноста и интерактивните дела кои ги креирам ќе најдат свое место во современата уметничка сцена и ќе остават вечен траг во мислите и чувствата на луѓето кои ги доживуваат.
По „Живи артефакти – Трансценденција“ и претставувањето во Тирана, што следно од Филип Јовески? Подготвувате ли нов проект или нов циклус?
Во подготовка се повеќе нови проекти од различни дисциплини и сфери кои обработуваат разни тематики, а се работени во традиционални и дигитални медиуми. Дел од нив се мултимедијални, а дел трансдисциплинарни. Некои од нив ќе бидат промовирани и презентирани пред прилепската публика до крајот на оваа година. Некои, меѓу кои е и новиот циклус на дела во склоп на мултимедијалниот проект „Живи артефакти“, се дел од програмата за наредната година.
Фотографиите се од албумот на Филип Јовески.

















