Актерот Александар Степанулески е добитник на престижната награда „Ристо Шишков“ за 2026 година за највисоко актерско остварување, за улогата на Луков во „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски и во изведба на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.
Одлуката е донесена едногласно од жирито на 34. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ – Струмица 2026, во состав Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, претседателка, и членовите Биљана Ѓуровиќ и Иван Додовски.
Во образложението, жирито го издвојува начинот на кој Степанулески го гради ликот на Луков – фигура на привидна неприкосновена моќ, зад која постепено се откриваат стравот, зависноста и моралната разграденост на ликот.
Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување, Степанулески ја открива сложената противречност на човекот кој манипулира, заплашува и организира политичко убиство, а истовремено останува заробеник на системот на кој му служи.
Признанието доаѓа во година во која Александар Степанулески веќе доби уште едно фестивалско признание. На 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ја освои наградата „Димче Трајковски“ за машка епизодна улога за ликот на Симон во претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар – Скопје.
„Црнила“, претставата во која Степанулески сега е награден за улогата на Луков, зад себе веќе има значаен фестивалски успех. На јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ освои пет награди – за режија, сценографија, костимографија, главна машка улога и млада актерка.
Претставата премиерно беше изведена во ноември минатата година, а нејзиниот фестивалски пат продолжува со ново значајно признание – овојпат за актерското остварување на Александар Степанулески.
Фотографии: ФБ-страница на фестивалот „Ристо Шишков“.



















