Идејните творци и организаторки на фестивалот, Марија Спиркоска Илијеска и Ангела Наумоска, на прес-конференција го најавија седмото издание на фестивалот на детски театар „Силјан Штркот“, кој од 18 септември повторно ги отвора вратите за најмладата публика.
Прилеп повторно ќе биде место на кое детската фантазија ќе има своја сцена. Седмото фестивалско издание носи програма во која, покрај театарските претстави, значајно место имаат книгата, творештвото и непосредното учество на децата.
На фестивалот ќе гостува Театар Битола со претставата „Пинокио“, Театар Арториум со „Мачорот во чизми“, како и Театар Колозов со „Љубопитната принцеза“.
Покрај претставите, предвидени се и театарски работилници преку кои децата ќе имаат можност не само да го гледаат театарот, туку и да се запознаат со процесот на неговото создавање – да играат, истражуваат, измислуваат и самите да бидат дел од приказната.
Оваа година фестивалската програма е збогатена и со книжевни содржини. Предвидени се три промоции на книги и две средби со автори и нивните приказни.
Меѓу нив се и сликовниците „До небото и назад“ и „Љубов во топка“ од новинарката и писателка Ана Јовковска. Преку креативна работилница, наменета за деца од предучилишна и раноучилишна возраст, авторката ќе отвори теми поврзани со детските емоции, пријателството, љубовта, емпатијата, булингот, грижата за природата и животните, тагата, прифаќањето и добрината.
Со децата ќе се разговара и ќе се работи преку игра, прашања и интерактивни активности, со цел најмладите да бидат активни учесници во приказните.
Дел од фестивалската програма е и промоцијата на книгата „Тамара и Марко: Коњ, штрк и една жица од гитара“ од Јосипа Ризанкоска Гарсија, со илустрации на Марија Конеска Мурџа. Станува збор за дело на две прилепчанки кои денес живеат во различни делови на Европа – авторката во Мурсија, Шпанија, а илустраторката во Рим, Италија.
Преку приказните за Тамара и Марко, книгата ги поврзува пријателството, љубопитноста и авантурите со македонскиот јазик, културата и сеќавањата на родниот крај.
„Силјан Штркот“ низ годините прераснува во простор во кој децата можат да го направат своето прво театарско доживување, да откриваат нови светови и преку уметноста да растат. И ова издание ја продолжува таа идеја – театарот да не биде само претстава што се гледа, туку искуство во кое најмладите активно учествуваат.
Симболиката на Силјан, ликот од македонското народно творештво, и оваа година е дел од фестивалската приказна – патување, промена и враќање. Секоја претстава е свое патување во нов свет, по кое децата се враќаат со ново искуство, чувство или порака.
Новиот фестивалски лет започнува на 18 септември во 12 часот, со децата од 4-г одделение при ОУ „Гоце Делчев“ и нивната наставничка Бети Башеска Трајкоска.
Седмото издание на „Силјан Штркот“ се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, Општина Прилеп, Прилепска пиварница, Матадор и Цвејо.
За децата повторно се крева завесата. Со неа започнува и новото патување на Силјан.


















