„ПИНОКИО“ ГО ОТВОРА СЕДМОТО ИЗДАНИЕ НА „СИЛЈАН ШТРКОТ“

Сподели на социјалните мрежи

На 18 септември во Прилеп започнува седмото издание на Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“, а фестивалската завеса ќе ја крене „Пинокио“ на НУ Народен театар – Битола.
Претставата ќе биде изведена со почеток во 12 часот, на големата сцена во НУЦК „Марко Цепенков“, со што ќе започне фестивалската програма посветена на најмладата публика.
„Пинокио“, според познатото дело на Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски, ја носи приказната за дрвеното момче низ која се отвораат темите за растењето, изборите, искреноста, љубовта и храброста.
Но, зад познатата приказна за Пинокио стои и едно прашање што не е само детско – што значи да се стане „вистински“? Патот до одговорот не е секогаш едноставен. Тој минува низ искушенија, грешки, погрешни избори, но и низ храброста повторно да се избере вистинскиот пат.
Токму во тоа е и вредноста на една детска претстава – таа не е само средба со сцената и приказната, туку простор во кој децата можат да препознаат чувства, да поставуваат прашања, да размислуваат за своите избори и да ја користат сопствената фантазија.
Во претставата, главната улога на Пинокио ја толкува Никола Стефанов, а настапуваат и Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илиевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски. Во претставата учествуваат и деца од Театарската школа „Бабец“.
Музиката е на Марјан Нечак, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимите на Андреј Ѓорѓиевски, а маските се дело на Сара Милевска. Ментор на Театарската школа „Бабец“ е Јулијана Мирчевска.
По „Пинокио“, фестивалската програма деновиве продолжува со „Мачорот во чизми“ на Театар Арториум и „Љубопитната принцеза“ на Театар Колозов, а предвидени се и работилници, промоции и други содржини наменети за најмладата публика.
Со „Пинокио“ започнува и новото фестивалско патување на „Силјан Штркот“, фестивал кој седма година го носи детскиот театар поблиску до најмладата публика во Прилеп.


Сподели на социјалните мрежи