„ГРАДОТ ВО МЕНЕ“ НА АЛЕКСАНДАР ЏИНГО ПРИВЛЕЧЕ БРОЈНА ПУБЛИКА ВО ЛИКОВНАТА ГАЛЕРИЈА

Сподели на социјалните мрежи

Бројна публика, љубители и поддржувачи на уметноста синоќа ја исполнија Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, каде што беше отворена изложбата „Градот во мене“ на академскиот уметник Александар Џинго.
Пред публиката Џинго го претстави својот најнов циклус дела, во кој човечкиот лик и фигурата се движат меѓу реалистичното и апстрактното, а силниот колорит, линијата и слободниот потег создаваат впечатлив визуелен израз.
За творештвото на Џинго и за неговиот најнов циклус зборуваше Бранче Трајкоски, осврнувајќи се на ликовниот јазик на авторот и спојот меѓу класичната уметност и современиот експресионистички израз.
За една поинаква страна од неговото творештво зборуваше актерката Марија Спиркоска Илиески, која сподели искуства од соработката со Џинго при создавањето на театарски претстави.
Џинго, покрај ликовната уметност, е поврзан и со музиката како член на Црковниот хор „Света Петка“, чии членови беа дел од отворањето и со својот настап дополнително ја збогатија вечерта, поврзувајќи ги ликовната и музичката уметност.
Делата од „Градот во мене“ се во голем формат, со комбинација на цртачки и сликарски техники. Во нив препознатливите човечки ликови се испреплетуваат со апстрактни површини, линии и интензивни колористички акценти, оставајќи му простор на гледачот за сопствено доживување и толкување.
Големата посетеност на отворањето уште еднаш покажа дека во Прилеп постои публика која со интерес го следи ликовното творештво и ги поддржува уметниците и културните настани во градот.
Изложбата „Градот во мене“ ќе биде поставена во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ до 7 октомври.


Сподели на социјалните мрежи