Традиционалниот арт-хепенинг „Со љубов за Прилеп“ и годинава ги обедини средношколците од Прилеп околу уметноста, креативноста и хуманоста. По повод 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, ученици од сите прилепски средни училишта се вклучија во оваа ликовна иницијатива, творејќи на тема „Совршенството на несовршеното“.
Настанот има своја традиција од 2012 година, кога започнал по идеја на Наде Караџовска, во периодот на претседателствувањето на Жарко Бошковски со Ротари клуб Прилеп. Низ годините, тој прерасна во можност младите да ги претстават своите размислувања и уметнички израз преку цртежот, секоја година обработувајќи различна тема.
Она што ја издвојува оваа иницијатива е нејзината хуманитарна димензија. Ученичките дела не остануваат само изложени како ликовни творби, туку продолжуваат да бидат дел од активностите на Ротари клуб Прилеп. Некои од нив се подаруваат при средби со други ротари клубови, а дел се нудат на хуманитарни аукции, при што собраните средства се користат за поддршка на различни потреби во заедницата.
За досегашните резултати од ваквите активности зборуваше претседателот на Ротари клуб Прилеп, Александар Костадиноски, посочувајќи дека меѓу реализираните донации се и дрон за противпожарната единица, инвалидски колички за старскиот дом и други хуманитарни донации.
Годинава во организацијата на арт-хепенингот се вклучи и Ротаракт клуб Прилеп. Со нивното учество се отвора простор за пошироко вклучување на младите и за понатамошно развивање на иницијативата. Претседателот на Ротаракт клуб Прилеп, Емил Батаклиев, изрази очекување во иднина да се зголемува бројот на учесници, да се обезбедуваат поголеми награди и настанот да продолжи да се развива како традиција.
„Со љубов за Прилеп“ е пример како уметничкото творештво на младите може да добие и поширока смисла. Преку своите цртежи, средношколците не само што ги изразуваат сопствените идеи и погледи, туку стануваат дел и од иницијатива во која креативноста се поврзува со солидарноста и поддршката на заедницата.


















