„СВИЊИ“ –ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА ЗА НАСИЛСТВОТО, ОСАМЕНОСТА И ЧОВЕЧКАТА ПРИРОДА

Сподели на социјалните мрежи

Театарот „Златен Елец“ на 17 ноември ќе гостува во Прилеп со претставата „СВИЊИ“, која преку приказната за две сестри отвора прашања за човечките односи, насилството и влијанието на средината врз формирањето на личноста.
Во центарот на претставата се две сестри, чиј однос е појдовна точка за пошироко истражување на семејните трауми, осаменоста, недостатокот на љубов и емпатија, како и моделите на однесување што се пренесуваат и обликуваат низ животот.
„СВИЊИ“ го насочува вниманието кон механизмите преку кои луѓето се обликуваат под влијание на околината, потребата да ги контролираме другите и сопствените неуспеси да ги проектираме врз нив. Претставата го отвора и прашањето за односот на општеството кон најранливите, кои честопати прво се отфрлени, напуштени и заборавени, а потоа осудени за луѓето во кои се претвориле.
Наместо да ги осудува ликовите, претставата се обидува да ги разбере причините што доведуваат до нивното однесување. Преку нивните приказни се истражува како насилството раѓа ново насилство и какви последици оставаат недостатокот на љубов, разбирање и поддршка.
Режијата е на Тамара Стојаноска, а во претставата играат Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска. Преводот го потпишуваат Тамара Стојаноска и Никола Стојаноски. За звукот и изборот на музиката е задолжен Лука Тошев, дизајнот на постерот и рекламниот материјал е на Бојана Цилевска, маските се дело на Горан Спасевски, фотографиите на Јордан Звездоски, а продуцент е Бобан Алексоски.
Претставата „СВИЊИ“ ќе биде изведена на 17 ноември 2026 година, со почеток во 20 часот, на Големата сцена (камерна) при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Резервации на билети на телефонскиот број: 076 442 378.


Сподели на социјалните мрежи