Со премиерата на Шекспировата трагедија „Кориолан“, во режија на Џон Блондел, и со стоечки овации од публиката, Народниот театар Битола го одбележа 82-годишниот јубилеј од своето постоење. Настанот беше во знакот на театарската уметност, а воедно го означи и почетокот на 12. издание на Битола Шекспир фестивалот.
„Кориолан“ е претстава со која Битолскиот театар веќе се претстави пред меѓународната публика. По премиерата на „Охридско лето“, таа имаше светска премиера на Верона Фринџ Шекспир фестивалот во Италија, беше изведена во античкиот амфитеатар во Бутринт, Албанија, во рамките на фестивалот „Магични ноќи во Бутринт“, како и на East Direction фестивалот во Бјалисток, Полска. Битолската изведба беше проследена со долготраен аплауз и стоечки овации, со кои публиката го поздрави актерскиот и режисерскиот ангажман.
По повод 82-годишнината, директорот Васко Мавровски и дел од колективот на Народниот театар Битола положија свежо цвеќе пред споменикот на театарот. Со овој чин беше оддадена почит на историјата на институцијата и на генерациите уметници и театарски работници кои низ децениите придонесувале за нејзиниот развој.
Како најстар театар во Македонија, Народниот театар Битола има значајно место во развојот на македонската театарска уметност. Осумдесет и две години сценско творештво, актерски генерации и различни уметнички пристапи се дел од континуитетот на институцијата, која и денес создава нови претстави и воспоставува соработка со театарски куќи и фестивали од странство.


Шест претстави во програмата на Битола Шекспир фестивалот
Покрај „Кориолан“, годинашното издание на Битола Шекспир фестивалот носи уште пет претстави од Италија, Ерменија, Романија, Грузија и Малта.
На 17 ноември, на Новата сцена, со почеток во 20 часот, ќе биде изведена „Шекспир во песна“, во режија и изведба на Даниел Запи од Италија. На 19 ноември следува „Макбет“, во режија на Елиот Хакстабл, во изведба на Државниот камерен театар од Ерменија.
Фестивалската програма продолжува со „Ричард ИИИ. човекот“ на театарот „Тони Буландра“ од Романија, „Бура“ на Државниот театар Поти од Грузија и „Перикле среде морето“ од Малта.
Во придружната програма е предвидена и театарска работилница за деца посветена на Шекспир, која ќе ја води Билјана Крајчевска. Преку претставите и дополнителните активности, фестивалот овозможува средба со различни сценски толкувања на Шекспировото творештво и размена на театарски искуства.
Театарските претстави достапни и преку пренос во живо
Народниот театар Битола најави и новина во начинот на претставување на својата програма. За првпат, репертоарот ќе биде достапен и преку преноси во живо (live streaming), со што можноста за следење на претставите ќе се прошири и надвор од театарската сала. На овој начин, претставите ќе можат да ги следат и Македонците кои живеат во различни делови од светот.
Со 82 години постоење и со нови сценски и програмски иницијативи, Народниот театар Битола продолжува да биде значаен дел од македонскиот културен живот.
Фотографии: Ивона Кочов

















