Деведесетина деца од поголемите групи на Детската градинка „Бончејца“ ја посетија Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, во рамките на проектот „Љубовта кон книгата се раѓа во библиотеката“, насочен кон поттикнување на интересот за книгите и читањето уште од најрана возраст.
Во посетата учествуваа и директорката на ЈОУ Детски градинки „Наша иднина“ – Прилеп, Билјана Тодеска, како и воспитувачките кои ги придружуваа децата.
Добредојде на малите гости им посака директорката на библиотеката, Андриана Ристеска, која ја истакна важноста на раното запознавање со книгата и пишаниот збор. Токму во детството се создаваат првите читателски навики, а библиотеката е едно од местата каде што љубопитноста, учењето и љубовта кон книгите можат да се развиваат низ непосредни средби и доживувања.
Посебен дел од посетата беше перформансот подготвен од библиотекарките Верче Искова од ООУ „Блаже Конески“ и Еленче Ташкоска од Градската библиотека „Борка Талески“. Преку содржина приспособена на возраста на децата, тие им го доближија светот на приказните и книгите, покажувајќи им дека секоја книга крие нова приказна, знаење и можност за откривање.
Проектот „Љубовта кон книгата се раѓа во библиотеката“ е дел од активностите на прилепската библиотека за приближување на книгата до најмладите генерации. Ваквите посети се можност децата уште од градинка да ја запознаат библиотеката како простор во кој се учи, се истражува и се откриваат нови светови.
Љубовта кон читањето не се создава преку ноќ. Таа започнува со првата приказна, првата книга и со средбите што го прават пишаниот збор близок и привлечен за секое дете.
Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп



















