ХОЛОГРАМ ШТО ПРИВЛЕКУВА ВНИМАНИЕ – ФИКТ И УКЛО СО СОВРЕМЕН ПРОМОТИВЕН ПРИСТАП

Сподели на социјалните мрежи

Несекојдневна промотивна содржина деновиве го привлекува вниманието на битолчани и посетителите на Широк Сокак, каде Факултетот за информатички и комуникациски технологии, единица на УКЛО, заедно со компанијата МИКРОДЕЛ, претставија иновативна холограмска промоција.
Проектот е меѓу првите примери во Македонија за користење холограмска технологија во промоција на високообразовна институција. Во неговата реализација активно учествуваа професори и дваесетина студенти од ФИКТ, кои заедно со инженерите од МИКРОДЕЛ работеа на развојот на современото технолошко решение.


Иницијативата, чиј автор е професорот Никола Рендевски, има за цел да покаже дека современите технологии можат успешно да се применуваат и во промоцијата на образованието, истовремено овозможувајќи им на студентите да стекнат практично искуство преку работа на реални проекти.
Деканот на ФИКТ, проф. д-р Благој Ристевски посочува дека ваквите активности се дел од нивната определба за примена на иновативни пристапи во наставата, истражувањето и јавната презентација на факултетот, додека од МИКРОДЕЛ нагласуваат дека партнерството со академската заедница е важен двигател за создавање нови технолошки решенија и развој на домашниот иновативен потенцијал.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, оцени дека проектот е пример за успешно поврзување на науката, образованието и стопанството, додавајќи дека, според информациите со кои располага Универзитетот, станува збор за прва ваква имплементација во државата.


Сподели на социјалните мрежи