SIDE QUEST ПРИРЕДИ ВЕЧЕР ИСПОЛНЕТА СО ЕНЕРГИЈА НА КАМЕНАТА БИНА

Сподели на социјалните мрежи

Во рамки на летниот културен проект „Од 0 до КултурА“, на Камената бина на Плоштадот „Александрија“ во Прилеп се одржа уште еден од редовните четврточни концерти, овојпат со настап на прилепскиот панк-рок бенд Side Quest.
Пред бројната публика, бендот го претстави својот музички концепт „Punk Rock 101“, со кој низ хронолошки избор на песни го прикажа развојот на панк-рок музиката – од нејзините почетоци во 70-тите години на минатиот век, па сè до современите правци на жанрот.
Со енергична изведба, препознатлив сценски настап и многу ентузијазам, музичарите ја доловија атмосферата и духот на панк-рокот, а публиката со внимание ги проследи и ги награди настапите.
Side Quest е панк-рок и поп-панк бенд од Прилеп, активен од 2023 година. Бендот работи на својот прв студиски албум, а зад себе веќе има објавено авторски материјал, настапи како предгрупа на повеќе домашни состави и учество во финалето на фестивалот „Лузер Фест“.
Манифестацијата „Од 0 до КултурА“ продолжува и во наредниот период со нови музички и културни содржини, кои и ова лето ќе го збогатуваат културниот живот во Прилеп.


Сподели на социјалните мрежи