По интензивните подготовки, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп в четврток, 16 јули, со почеток во 20 часот на Големата сцена, премиерно ќе ја изведе претставата „Ловецот во ’ржта“, работена според култниот роман на американскиот писател Џ. Д. Селинџер.
Претставата е во режија на Мартин Кочовски, кој најавува современо и слоевито сценско читање на едно од највлијателните литературни дела на 20 век. Драматизацијата ја потпишува Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценограф е Филип Јовановски, костимографијата и дизајнот на светло се на Јулијана Војкова, а музичката поддршка ја создаваат Пеце Трајковски – Брада, Давид Скерлевски, Ана Митоска, Илија Волчески и Димитар Ѓорѓиевски.
Во актерската екипа настапуваат Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Теона Крстеска, Михајло Миленкоски, Ана Митоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Здравко Стојмиров, Александар Тодески и Игор Трпчески.
„Ловецот во ’ржта“, објавен во 1951 година, е едно од најзначајните дела на современата светска книжевност. Преку приказната за младиот Холден Колфилд, романот ги обработува темите на созревањето, осаменоста, бунтот и потрагата по сопствениот идентитет, поради што и денес се смета за едно од највлијателните литературни остварувања на 20 век.
Премиерата ќе ја заокружи актуелната театарска сезона на прилепскиот ансамбл. Од НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, во чии рамки функционира Народниот театар „Војдан Чернодрински“, информираат дека билетите можат да се обезбедат на билетарницата на Центарот за култура, која работи во вторник и среда од 10:00 до 12:00 и од 18:00 до 20:00 часот, како и во четврток од 10:00 до 12:00 часот. Резервации се примаат на телефон 076/442-378.















