ВО КЛУБ ДЕНИЦА СО ДОБРИЛА ГРАШЕСКА – ПРИЛЕПЧАНКАТА КОЈА ПРЕКУ ЧАЛГИСКАТА ПЕСНА ЈА ЧУВА МАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИЈА

Сподели на социјалните мрежи

Иако денес живее и работи во Скопје, Добрила Грашеска никогаш не ја прекинала врската со својот роден Прилеп. Родена и израсната во градот под Марковите Кули, таа и понатаму со особена љубов се навраќа во својот роден крај, каде што живее дел од нејзиното семејство и каде што се испишани нејзините најрани животни и музички спомени.
Препознатлива по својот вокал и посветеноста на македонската чалгиска песна, Добрила Грашеска е уметница која преку музиката ја негува и пренесува богатата македонска традиција. Зад себе има бројни концерти, настапи и признанија, а по образование е дипломиран компаративист, спојувајќи ги љубовта кон книжевноста и музиката во својот творечки пат.
За Прилеп, за чалгиската песна и за животот меѓу спомените и сцената, разговараме со Добрила Грашеска.

Иако живеете во Скопје, колку Прилеп е сè уште дел од Вашето секојдневие?
😊 Прилеп Е мое секојдневие. Јас сум секој ден во комуникација со луѓето што си ги сакам и поради тоа „ништо не ми бега“ оттаму. Но освен таквите разговори, Прилеп е во мојата ДНК по својот дух и духовитост за којшто не јас, туку другите ми укажуваат дека ги носам, по имањето став за многу работи, по домаќинлакот и по еснафлакот којшто го научив на времето. Знаете, јас сум горда со моето потекло затоа што ете, не знам дали во прашање е авата, гените или влијанието, но прилепчани се посебен сој и можеби тоа ги упатило да бидат револуцинери со напредни идеи, но и основачи на македонската уметност и култура. И еве една да си кажам една моја мала тајна: и по дваесет години живеење во Скопје, јас си зборувам прилепски и „око не ми трепнува“ 😊.

По што најмногу го паметите Вашето детство во Прилеп?
По моето семејство. По мојот дом кој ми беше микрокосмос што го создадов и делев со моите двајца прекрасни браќа и со мајка ми и татко ми. Како мала не можам да се пофалам дека сум била палава и сум излегувала многу „пред зграда“. Живеевме на ул. Браќа Ламески, кај Сотка Шнајдерот (што прилелепчанец си ти ако не се ориентираш по топоними и личности), но затоа сакав да седам дома, да си читам од енциклопедиите што ми останаа во наследство од моите браќа, да си слушам музика по избор на мајка ми од која го наследив талентот и по убавите раскажувања на татко ми кој беше посебен по својот дух и знаење. Тоа на некој начин и ме определи понатаму како личност.

Дали постои некое место во Прилеп на кое секогаш му се навраќате?
Најприродно е секогаш да се навраќаш дома. А јас мојата дома бескрајно ја сакам. До толку што кога бев студент (а и подоцна), ги бакнував вратите кога ќе си дојдев дома, а пред да си одам (хахахаах). Тоа е место што ми дава спокој. И нормално, како човек роден и израснат в центар, секогаш се навраќам на Прилепската чаршија, тој конгломерат од занаети, дуќани, миризби, храна, разговори, чаршиски ербаплаци, мудрости. Тоа е местото кај што се калиш. И ти и каменот под тебе.

Кога и како започна Вашата љубов кон музиката?
Тоа не можам да го наречам љубов, туку повеќе како дел од мене. Затоа што јас не ја засакав музиката во некој период од животот, туку си ја имав, си ја носев во себеси. Може ли некој да си го засака срцето? Или очите? Ти си ги имаш и си ги освестуваш, а тие се тука за тебе за да живееш и да си ги сакаш. Јас, како што реков, музиката ја наследив од мајка ми, чиешто семејство имаше извонредни пејачи (баба ми, дедо ми, вујо ми, тетка ми…) и тоа што мене ми беше како мала чудно беше што мајка ми постојано пееше: и кога излегувавме на прошетки, и кога одевме на гости и додека готвеше. И сега одеднаш се фаќам себеси како истото тоа го правам и јас. Јас насабајле ги отворам очите и почнувам да пеам. Одам по улица и пеам. Одам на гости и пеам. На работа – пеам, на концерти пеам… 😊

Зошто токму чалгиската песна стана Ваш животен и уметнички избор?
Зошто… Затоа што тоа е музиката која сум ја слушала како мала. Од секое радио, од телевизија… Дел од тие песни и мајка ми ги пееше. Но и затоа што во неа најдов многу мелодии кои не се обични, кои се поинакви, кои се пеат различно, кои имаат незаборавна мелодија и приказни, кои не водат потекло од едно место, туку се светски патници кои секогаш собираат по нешто убаво од местата каде што запираат… Чалгијата сама по себе е различен свет полн со предизивици, што по музицирањето, што по начинот на пеење, што по инструментариумот. А јас сакам предизвици.

Што за Вас претставува чалгиската музика – наследство, емоција или животна мисија?
Убаво смислено прашање посебно парчето „животна мисија“. Мислам дека за мене токму тоа лепи. Знаеш, чалгијата си има една посебност што ја опишав малку погоре. Но таа, како архаична музика може многу лесно да се претопи во нешто не толку префинето или, не дај Боже, едноставно да исчезне. А кога се работи за таква убавина создавана со векови, ние имаме мисија да ја зачуваме, да ја истражиме, да ја заштитиме и да ја шириме понатаму по следните генерации и да се бориме за неа. Ако треба и волчи. Затоа што таа музика е автохтона, наша и иако има корени од макамската музика која се свири по Медитеранот, таа во Македонија си добила свој израз и станала посебен жанр врз кој почива македонската музика. Ако некому му дадат злато, зарем ќе го потроши туку-така? Затоа со таквата вредност мора внимателно да се однесуваме и бескрајно да ја почитуваме. За среќа, во Македонија во моментов има иницијатива таа да биде заштитена од УНЕСКО како светско нематеријално добро. Зарем ова не е доволна причина да бидеме горди на неа?

Имате завршено компаративна книжевност. На кој начин книжевноста влијае врз Вашиот музички израз?
Па, книжевноста многу ми помага при интервјуата 😊😊. Ај сега од почеток: книжевноста ми помогна и сѐ уште ми помага да го изградам мојот уметнички вкус и израз. А тоа значи, да се одлучам токму за чалгијата и нејзината посебност. Иако таа, чалгијата е толку убава и важна, сепак, мора нешто да ви укаже на таа посебност. А тоа образованието може најдобро да го направи затоа што ние сме обучени да го одбереме убавото, а тоа во ова време е тешко затоа што многу лесно популарното и убавото се мешаат. Вистинските уметници мора да го знаат и строго да го одделат „каколот од житото“.

Кој настап или концерт го носите како едно од најдрагите професионални искуства?
Сите, сите, сите настапи се посебни и незаборавни. Тој однос со публиката која е тука блиску до вас и пее заедно со вас, тоа е незаборавно искуство. Но еве, ако морам да одвојам нешто што професионално ме освести, тогаш тоа е фестивалот Етносои! во Хелсинки, Финска на кој учествуваме како Добрила и Дориан Дуо. Меѓутоа, таму не се работеше само за концерт на отворањето на фестивалот, туку за еден темелен пристап и учење за тоа што значи македонската музика. Затоа организаторот најпрво направи почетно предавање за македонската чалгија во една феномелна библитека во Хелсинки, за веќе од утредента да имаме мастеркласови на постдипломци на Отсекот за глобална музика во музичката академија Сибелиус. Тоа досега никој не го направил, а се работеше за предавања од утро до мрак, со внимателен пристап, многубројни прашања, одлични партиципиенти од цел свет и учење, учење, учење… На крајот сето тоа се исплатеше затоа што имавме заеднички настап со нашите ученици на кој секој од нив го даде својот увид во македонската чалгија. И тоа беше незаборавно.

Дали постои песна што секогаш ја пеете со посебна емоција и која има посебно место во Вашето срце?
Има, се разбира. Тоа е „Три години стана“, која кога ја пеам секогаш ја пеам со посебно чувство и со тахикардија. Толку таа песна има моќ врз мене. А преку мене и врз публиката. И знам дека секогаш на крајот со нетрпение ја чекаат.

Дали младите денес покажуваат интерес за традиционалната македонска музика?
Да. Покажуваат. Посебно оние кои се насочувани и воспитувани во таа насока од дома. И замислете, младите се најбројаната публика на концертите. На нашиот последен концерт едни од нашите навлијателни млади музичари (а кои се од рокенрол сцената) со воодушевување ни пристапија и повторувајќи: „Концертиште!!!“ А чалгијата има моќ да допре секаде и да ги размрда или расплаче душчките.

Што би им порачале на младите прилепчани за значењето на традицијата и зачувувањето на културниот идентитет?
Прво, да не забораваат кои се и од каде потекнуваат и тоа да го покажуваат на најдобар можен начин – со љубезност, внимание и почит. Тоа е почеток на доборото воспитување кое е исто така дел од нашата традиција. Понатаму, да се образуваат и читаат затоа што само така ќе можат да одберат што е добро, а што лошо, а во тоа би им дала и насока: ако после некаква музика се чувствувате облагородено и спокојно, тогаш таа е правата музика за вас. Се друго ќе ве однесе носи во насилство и немир. И кога ќе може да се оддаде почит на нешто што сме успеале да го зачуваме и што носи трајни вредности, тогаш сме стигнале и до културниот идентитет и неговото зачувување. А верувајте – македонската традиционална музика е најизвезуваниот македонски нематеријален производ во светот. Преку неа нѐ препознаваат. Земајте ја традицијата како бескраен извор на убавина и внурнете се во неа. Ќе откриете чудесни богатства и ќе се инспирирате. Е, потоа изнесете ја надвор. Само така нема да не заборават. А и ние самите.


На што работите во моментов и што може публиката да очекува од Вас во периодот што следува?
Јас, како што и самиот виде, не стигнав да ги одговорам прашањата на интервјуто во договореното време затоа што имам премногу обврски. А тоа се подготовки на неколку концерти што ги спремаме и со Чалгија саунд систем: учеството на Чалгискиот фестивал во Ваташа, омажот на велешкиот чудотворец на чалгијата ало Тончов за кој подготвуваме сосема нов велешки материјал и концерт токму во Велес, и излегувањето на нашиот трет албум со охридски чалгиски композиции. А со Дуото нѐ чекаат два сериозни концерти во Брно, Чешка и Тромзо, Норвешка, на кои ќе го промовираме нашиот трет албум „Wind to blow“. Имаме интензивно лето и обврски, но чалгијата ја заслужува сета таа жртва.


Сподели на социјалните мрежи