ДЕТСКОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО БИБЛИОТЕКАТА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ ПОВТОРНО ГИ ОТВОРИ ВРАТИТЕ ЗА НАЈМЛАДИТЕ ЧИТАТЕЛИ

Сподели на социјалните мрежи

По неодамнешното реновирање и повторно ставање во функција на Детското одделение, ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп повторно станува место каде што најмладите можат да ја откриваат магијата на книгите и читањето.
Првите организирани посети веќе започнаа, а деновиве библиотеката ја посетија децата од Едукативниот центар „Шампиони“. Тие имаа можност одблизу да се запознаат со работата на библиотеката, со книжниот фонд наменет за најмладите, како и со значењето што книгата го има во детскиот развој и образованието.
Гостите ги пречекаа директорката на библиотеката, Андриана Ристеска, и библиотекарката Еленче Ташкоска, кои преку разговор и дружење им ја доближија улогата на библиотеката како простор за учење, читање и развивање на љубовта кон пишаниот збор.
Посебен момент од посетата беше организираното читање сказни, при што постарите и веќе описменети деца им читаа на своите помали другарчиња, создавајќи топла атмосфера исполнета со дружба, внимание и љубов кон книгата.
Од библиотеката истакнуваат дека обновеното Детско одделение е создадено со цел најмладите посетители да се чувствуваат добредојдени и уште од најрана возраст да ја развиваат читачката култура. Токму ваквите средби, велат оттаму, се важен чекор во поттикнувањето на навиките за читање и во градењето генерации кои ќе ја препознаваат книгата како вредност.
Со обновениот простор и новите активности, библиотеката испраќа јасна порака дека вложувањето во најмладите читатели е вложување во иднината, а Детското одделение повторно станува место каде што љубопитноста, знаењето и фантазијата растат заедно со секоја прочитана книга.


Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи